Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост и алармира до јавноста дека Македонија се соочува со отворена офанзива на злогласниот проект „Српски свет“. Според партијата, овој проект сè почесто се манифестира на официјален начин, со присуство и, за жал, како што велат, со благослов на државни претставници на нашата земја.
-По прославите во Битола, каде високата делегација на Србија заедно со министри и претставници на нашата Влада под превезот на „Солунскиот фронт“ го чествуваа српското окупирање на нашите територии, на 7 септември 2025 година на Кајмакчалан ја слушнавме и скандалозната изјава на српскиот министер за одбрана, Братислав Гашиќ, кој зборуваше за „патот на слободата“ и „враќањето во татковината“ на српската војска на територијата на Македонија, истакнуваат од ДУИ.
Според опозициската партија, присуството на нашите институции во вакви сценарија претставува не само тежок историски и политички провокациски чин, туку и обид за релативизирање на суверенитетот на нашата држава, претставувајќи ја Македонија како „третата српска република“.
-Тоа е неприфатливо. Тоа е директна закана за идентитетот, државната стабилност и евроатлантската ориентација на земјата. ДУИ јасно нагласува: проектот „Српски свет“ е непријателски кон Северна Македонија. Рамковниот договор, меѓуетничката кохезија и нашиот неповратен пат кон Европската Унија се единствената гаранција за сигурна иднина. Секој обид за поткопување на овие вредности ќе се соочи со нашето решително и бескомпромисно противење. Северна Македонија не е, и никогаш нема да стане „третата српска република“, порачуваат од партијата на Али Ахмети.