ДУИ утрово критикуваше дека, како што велат, јавното понижување на градоначалникот на Тетово, Биљал Касами пред сите камери и пред целата јавност, претставува логична последица на моноетничката доминација во Владата, која со текот на времето сè повеќе излегува на површина.
„Ова не е прв пат премиерот Христијан Мицкоски да се однесува на овој начин кон Албанците. Не е случајност. Тоа е израз на неговите лични преференции во политиката. Тоа е намерна навреда, овој пат на јавна сцена. Тоа е негов начин да покаже кој одлучува, а кој молчи, или, како што се фалат оние околу него, тој го исполнува своето предизборно ветување – „да им го покаже на Албанците местото во оваа земја“.
Не е случајно што премиерот го „дисциплинираше“ градоначалникот околу прашањето за вработување на Албанци. Оваа системска неправда се случува континуирано и е една од клучните политики за постигнување моноетничка доминација. Албанците не го заслужуваат ова.
Особено е вознемирувачки што на јавната сцена гледаме албански политичари кои молчат и толерираат навреди од човек кој ги презира во секоја можна форма“, порачаа од ДУИ преку соопштение.
Во изјава за медиумите, по пуштањето во употреба на асфалтиран селски пат долг еден и пол километар во тетовско Желино, премиерот беше запрашан од новинар дали ќе се вработат околу 3000 граѓани од албанска националност, пред локалните избори. Градоначалникот Касами се насмевна на прашањето, додека Мицкоски одговори „за друго дојдовме тука – за тоа прашање, одговор сте добиле многу пати“.