ДУИ го критикува денешниот говор на премиерот Христијан Мицкоски и велат дека повторно се впушти во опасната реторика на поделба и дискриминација, овојпат насочена кон Албанците.
-Во моменти кога губи поддршка дури и од своите најблиски сојузници, тој повторно се обидува да го одредува кој е прифатлив Албанец, а кој не – пракса што историски потсетува на најмрачните денови од деведесеттите кога оваа политика беше промовирана од Милошевиќ. Наместо да се фокусира на реформите што ги вети, на приближување кон ЕУ, економска стабилност и почитување на етничката рамнотежа, Мицкоски продолжува со националистичка агенда која има за цел да создаде подредени Албанци – послушни, неми и декоративни, порачуваат од партијата од Мала Речица.
ДУИ јавно предупредува дека ваквата реторика не само што е опасна, туку и веќе произведува обратен ефект.
-Остатоците од ВЛЕН, кои сè уште опстојуваат на функциите благодарение на Мицкоски, треба да се прашаат дали сакаат да бидат соучесници во една политика на поделба и омаловажување. Наместо да уживаат во удобноста на владините фотелји, време е да излезат меѓу граѓаните и да го слушнат нивниот глас. Гласот што сè погласно вели: доста е со понижување! Ако веќе самите не можат да го слушнат албанскиот глас сега, ќе го слушнат на престојните избори, какви и да се тие, стои во соопштението од партијата на Али Ахмети.
Разочаран од постапките на доскорешниот партнер Арбен Таравари, Мицкоски сепак му посака среќа во партнерството со ДУИ. Со ова вели тој покажа дека не бил заинтересиран за идеја, визија и промени туку за нешто друго. Оцени дека партнерството помеѓу Алијанса и интегративците ќе трае сè додека Таравари не добие подобра понуда. Доколку продолжи ваквата практика, Мицкоски прогнозира распад на крилото на Алијанса и претопување во ДУИ.
-Но, очигледно ДУИ има свои методи на убедување. Знаеме сите кои се тие. Изгледа Ахмети е толку речит и мудар политичар штом вака лесно импресионира еден квалитетен доктор да направи ваква вратоломија и да ризикува за две, три години од сега неговата партија да биде маргинализирана, а неговите луѓе заборавени или претопени во ДУИ, затоа што ако сега во ВЛЕН немале простор како што вели Таравари, каков ли простор ќе имаат кога ќе влезат во партнерство со Артан, со Бујар, со Села и со останатите. Како ли ќе седат таму и како ли ќе може да ги гледаат во очи, после сето тоа што го зборуваа пред мене. Но ете тој си има своја калкулација, или пак Али е нешто посебно убедлив и го воодушевил, импресионирал, да не речам маѓепсал и одлучил така дека поважно му е да има 5 градоначалници и да им направи услуга на ДУИ, отколку да држи збор и принципи, кажа премиерот на годишната конференција на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ.