ДУИ му врати на Меџити: Ако знаел дека го крши законот, зошто ги легализирал објектите, наместо да ги урне?

од Nikola Popovski

ДУИ најостро ги осудува вчерашните изјави на пратеникот и лидер на Демократско движење, Изет Меџити, искажани во дебатна емисија. Според партијата од Мала Речица, Меџити се обидува да избега од одговорност за криминалот направен со легализацијата на објектите во општина Чаир, со тоа што, како што велат од ДУИ, вината апсурдно и без правна основа ја префрли на чаирчани.

-Изет Меџити јавно на телевизија призна дека одлуките за легализација на објекти ги носел како градоначалник на општината и со политички/коруптивни преференции, а не особено како што предвидуваат законските и подзаконските одредби.

Го поставуваме прашањето зошто ако знаел дека го прекршува законот, решил да ги потпише актите за легализација на објектите што ги споменува заедно со над 30 колективни згради изградени по 2011 година и не ги презел потребните правни дејствија за рушење?

Изет Меџити синоќа го призна она што сите го знаат и медиумите го објавија, а тоа е дека тој самиот одлучувал за легализација на објекти без дозвола, а не според законот! Ги повикуваме органите на правдата да постапат според својата должност по ова бесрамно прифаќање на одговорноста, велат од партијата на Али Ахмети.

Во соопштението, ДУИ посочува дека никој не треба да биде над законот и дека назначените носители на јавни функции се апсолутно одговорни за неговото спроведување и во никој случај вината за неспроведувањето на законите не треба да се префрла на граѓаните.

Поранешниот висок функционер од ДУИ, синоќа во гостувањето на емисијата „Клик плус“ кажа дека додека бил градоначалник ја легализирал куќата на актуелниот министер за надворешни работи и претседателски кандидат на ДУИ, Бујар Османи, оти била изградена на диво. Тој обелодени дека на многу функционери на ДУИ, како и на многу граѓани им овозможил легализација на своите домови кои имале статус на дивоградби.

-Артан Груби и неговите браќа имаат изградено доградба на станови во Чаир. Речиси половина зграда на диво ја изградиле и истите се легализирани, додаде пратеникот.

Слични содржини