Демократската унија за интеграција го смета отворањето на над 730 јавни конкурси за вработувања во администрацијата во пресрет на изборите, за отворен и очаен обид на Владата да ги манипулира граѓаните и да купи политичка поддршка во услови на, како што велат, неизбежниот пораз што ја чека во октомври.
-По една година неуспех во секој поглед, без вистински реформи, без напредок во европската интеграција, без економски развој, без подобрување на животниот стандард и спектакуларни неуспеси во надворешната политика, оваа Влада се обидува да го прикрие неуспехот со стари алатки: предизборни вработувања во администрацијата.
Објавените конкурси, наместо да бидат инструмент за градење функционални и професионални институции, станаа изборни алатки, дизајнирани да создадат илузија за Влада која „работи“, кога всушност таа не успева во секој поглед, порачуваат од ДУИ.
Според партијата, ова е уште еден обид да се измамат граѓаните, да се третираат како бројки во кампањата и да се обезбеди политичка поддршка преку тесни клиентелистички интереси.
-Но, граѓаните ја знаат вистината. Тие јасно ја гледаат целта зад овие постапки, додаваат од партијата на Али Ахмети.
ДУИ верува дека претстојните избори ќе бидат референдум на граѓаните против оваа, како што обвинуваат, манипулативна и некомпетентна политика, можност да се казни лошото управување, некомпетентноста и ароганцијата што ја чини земјата години стагнација.
-Ниту еден конкурс оставен незавршен до изборите нема да може да ја врати довербата на граѓаните во власт што ги изневери нивните очекувања и потфрли во секоја јавна обврска.
Граѓаните не се изманипулирани. Граѓаните се судија, а пресудата ќе биде јасна во октомври, велат од ДУИ.