ДУИ негира дека нивни активисти учествувале во подметнување пожари: „Како и за Кочани, вистинските виновници не се соочуваат со правдата“

од Nikola Popovski
32 прегледи

Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост и категорично ги отфрла, како што велат, клеветите и тенденциозните вести што се шират во некои кругови блиски до владата, а кои имаат за цел да ги оцрнат и лично да ги дискредитираат нивните политички функционери и активисти во Шуто Оризари, вклучително и нивната наводна вмешаност во сериозни инциденти како што пожарите во околината на Скопје.

-Овие намерни обиди за јавна манипулација претставуваат директен напад врз гласот на опозицијата и политичката репрезентација на Албанците. Во пресрет на локалните избори, јасно е дека се работи за добро осмислена стратегија за заплашување, уцена и ослабување на организациските структури на ДУИ, наместо конфронтација со граѓаните преку политички алтернативи и искрена демократска дебата.

Во овој контекст, ги покануваме одговорните институции транспарентно да ги разјаснат причините, законската основа и целта на полициската акција преземена против Иљас Лесковица, како и да разјаснат кој од инкриминираните кругови стои зад ваквите селективни одлуки насочени кон вршење притисок врз легитимни политички претставници, велат од партијата на Али Ахмети.

ДУИ потсетува дека, како што велат, заробувањето на правдата и инструментализацијата на институциите не се предизвик за политичка партија, туку сериозна закана за демократскиот поредок и европската иднина на земјата.

-За жал, ова не е прв пат државните структури да бидат злоупотребени за политички цели. Претходните случаи, вклучително и случајот Кочани, јасно покажуваат дека вистинските виновници не се соочуваат со правдата, додека други се користат како жртви на политички пресметки.

Исто така е неприфатливо структурите поврзани со урбаниот криминал и нелегалните активности да бидат заштитени од владата и да служат како алатки за напад врз опозицијата и потиснување на политичкиот плурализам во земјата.

Демократската унија за интеграција останува непоколеблива во својата посветеност на владеењето на правото, независната правда и достојната застапеност на албанските граѓани на сите нивоа. Никаков притисок, никаков обид за заплашување нема да ја спречи нашата волја да го браниме легитимното право на политичко учество и застапување, стои во партиското соопштение од Мала Речица.

„Имаме одредени информации и основани сомневања, посебно дека она што се случи во Скопје е организирана акција“, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговорајќи на новинарско прашање дали можеби знае нешто во врска со шпекулациите во јавноста дека функционер од ДУИ е вмешан во палењето пожари низ земјава.

Слични содржини