ДУИ нека провери кој го спаси Османи од судска разрешница, порачаа од ВЛЕН

од Nikola Popovski
153 прегледи

Коалицијата ВЛЕН бара од ДУИ да спроведе внатрепартиски ветинг врз нивниот член и екс-министер Бујар Османи. Бараат да се провери кој го спаси Османи од судска разрешница.

-Предметот кој го покрена СЈО против него мистериозно заврши без судска постапка! Кои се тие што го штитеа и зошто институциите молчат? Кој му помогна да се извлече од обвиненијата за корупција и злоупотреба на функцијата? На кого му должи Бујар за својата слобода, тоа треба да одговори ДУИ. При ветингот, нека провери како Османи се снаоѓа со својот непотизам. Во Министерството за надворешни работи кадрите не се избираа според професионални критериуми, туку според лични врски со Бујар Османи и неговиот другар Артан Груби. Вработени се пријатели, роднини и другари, а не  стручните и квалификуваните кадри. ДУИ, при ветингот, нека ги провери и тендерите за партиските фирми кои ги доделуваше Бујар Османи.
Министерството за надворешни работи беше претворено во коруптивен центар при што доделени се милионски тендери на фирми блиски до ДУИ. Фирмите на неговите партиски колеги добиваа тендери со милионски суми за настани кои траеа само ден или два. Добро е ДУИ да пронајде каде завршуваа тие пари, стои меѓу другото во барањата на коалицијата составена од партиите БЕСА, Демократско движење и Алтернатива.

Вчера од ВЛЕН побараа и ветинг на Муса Џафери, за кој велат дека е најдобар пријател на екс-шефот на ДБК, Сашо Мијалков.

-Како е можно човек што беше десна рака на Ахмети и учествуваше во секој коруптивен проект да биде дел од наводното „прочистување“? Зошто неговите синови преку фирми блиски до власта добиваат милионски тендери? Како се отпишуваат долгови од милиони евра за фирмите блиски до Муса Џафери, прашаа меѓу другото од владеачката коалиција.

ДУИ пред неколку дена соопшти дека членовите на партиското раководство со потпишувањето на кодексот за добра практика и интегритет на ДУИ, прават значаен чекор кон зголемување на транспарентноста и интегритетот. Најавуваат внатрепартиски ветинг.

Слични содржини