„Демократската унија за интеграција со згрозување ја следи леснотијата со која секојдневно се објавуваат и дистрибуираат лаги и манипулации без никакво чувство за одговорност за јавниот говор. Обвинувањата на министерот за транспорт, Александар Николоски, во однос на функционерите на ДУИ околу изградбата на автопатот Скопје-Блаце, се неосновани и целосно невистинити“, се вели во денешната реакција на партијата од Мала Речица.
Од ДУИ велат дека секоја информација за Коридорот 8 и автопатот Скопје-Блаце е неточна и покажува институционално незнаење од власта со моноетнички легитимитет.
-Првите 2 километри до границата кај Блаце се завршени од претходната Влада, вие само треба да го пуштите во употреба. Продолжувањето на тој автопат во должина од 10 километри го проектира американската компанија „Хил“, а тоа го финансираше ЕБОР, како и техничката асистенција, што значи ниту еден денар од буџетот не е потрошен.
Овој проект е финансиран со кредит од ЕБОР, каде што околу 30 милиони евра се грант. Трасата на автопатот беше избрана за да се избегне уништување на гробиштата Блаце и на воениот полигон Стенковец. Овој основен проект, подготвен за повеќе од 2 години, е тендериран и оваа Влада само треба да го избере изведувачот на работите и да започне изградбата. Секој редизајн ќе трае речиси 3 години.
Што се однесува до експропријацијата, минималната цена за експропријација која досега ја плаќа државата на таа делница е 2 евра, а максималната е 20 евра, така што тврдењата на Николовски се апсурдни. Затоа го повикуваме министерот Николовски да изнесе конкретни докази за неговите обвинувања. Доколку не го направи ова, ќе го сметаме за креатор на лажни вести и пропаганда како и противник на проектите што не поврзуваат со Албанија и Косово, истакнуваат од ДУИ.
Од партијата на Али Ахмети додаваат дека „отсекогаш делувале транспарентно и интегритет во служба на граѓаните и на државата“.
-Нема да дозволиме овие лаги да не оттргнат од нашата мисија за градење праведно и одржливо општество.
Јавно го повикуваме министерот да достави докази за обвинувањата или да ги повлече овие клевети кои ги нарушуваат не само нашите јавни личности, туку и довербата на граѓаните во државните институции.
ДУИ останува силна и непоколеблива во заложбата за заштита на вистината и интересите на своите граѓани, се вели во реакцијата на ДУИ.
Николоски неодамна откри дека трасата била прецртана во планински дел, каде, според него, земјиштето преминало во сопственост на функционери на ДУИ.
-Трасата се поместува низ планината и од 13 километри испаѓа 6 километри да се тунели. И проектираната цена, за која има обезбедено средства од Европската банка за обнова и развој, од 171 милион евра, се качува на 240 милиони евра, или ја креваат вредноста за 70 милиони евра, што ќе го направи најскап автопат било каде во регионот, бидејќи еден километар би чинел 20 милиони евра. Тоа е расипничко трошење пари.
Плус, прашање е дали тој автопат воопшто е изводлив? Прво, дали има компанија што може да изведе 6 километри тунели за 4 години? Јас мислам дека нема, со цела почит кон сите. И второ, со што ќе се спои овој автопат на косовска страна, зашто ако се изгради овој автопат и Косово ќе треба да ја пробива планината и да го спои на постојниот пат. Затоа, одлучивме да направиме ревизија на проектот, рече вицепремиерот во интервју за Фокус.