Вицепремиерот на Владата, Иван Стоилковиќ преку објава на Фејсбук се пофали дека го добил орденот на Војин Поповиќ, познат како Војвода Вук. Ова одликување му било врачено од страна на Здружението на воени доброволци и нивните потомци од војните 1912-1918 година. Реагираа од опозициската ДУИ кои ова го сметаат за „навредлив и провокативен чин“, особено имајќи ја предвид, како што велат, „мрачната историја на злосторствата извршени од српските доброволни сили врз Албанците во Македонија во текот на периодот меѓу 1912-1918, познат како геноциден период“.
Од ДУИ велат дека во тој период, особено за време на Балканските војни и Првата светска војна, цивилното население на денешните територии на Македонија, особено Албанците, се соочило со етничко чистење, масакри и масовно раселување.
„Историските извори сведочат за палење цели албански села, силувања, мачења и масовни егзекуции. Во Тетово, Гостивар, Скопје, Кичево и многу други региони, Албанците беа цел на српските сили, третирајќи ги како пречка за проектот за српска асимилација и територијална експанзија. Според историските докази, над десетици илјади Албанци биле убиени, а уште илјадници биле насилно протерани од своите домови.
„Во некои случаи, варварствата вклучуваа силување и живи палење на албански цивили. Овие злосторства не само што оставија длабоки рани кај албанскиот народ, туку и ги зајакнаа етничките поделби и тензии кои се чувствуваат и денес. Трагична иронија е што владин функционер, кој раководи со Министерството одговорно за Охридскиот договор и претставува држава која треба да промовира помирување и соживот, да прифати одликување од здружение директно поврзано со еден толку болен период за Албанците во Македонија и тоа го објавува како благодарност.
„Овој чин не е ништо помалку од обид за легитимирање на злосторствата од минатото и навреда на споменот на илјадници албански жртви. Почитувањето на споменот на жртвите и прифаќањето на историските вистини се единствениот темел за помирување и заедничка иднина. Албанците во Македонија нема да молчат пред обидите за легитимирање на неправдите на историјата“, порачаа од ДУИ.