Демократската унија за интеграција тврди дека дел од медиумите користат „тенденциозни наслови и интерпретации“ по повод синоќешната изјава на нејзиниот лидер Али Ахмети. Од партијата велат дека се работи за „скандалозна, неодговорна и поттикнувачка злоупотреба и извртување на јасната и недвосмислена порака“ на Ахмети, при што категорично отфрлаат дека станувало збор за повик за поделба на државата.
Оттаму појаснуваат дека во изјавата беше потенцирано дека целта е Македонија да стане дел од Европската Унија, без притоа воопшто да се спомене поделба.
„ДУИ останува доследна на својата визија: Македонија да биде унитарна, заедничка и еднаква држава – не поделена, туку секогаш наша заедничка татковина“, стои во соопштението на партијата.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети вчера од Тетово му испратил порака на премиерот Христијан Мицкоски, во однос на евроинтеграциите на земјава. Ахмети рекол дека ако Македонија не го продолжи својот пат кон ЕУ, граѓаните на оваа земја нема да имаат друг избор освен некои да се приклучат кон Албанија, а некои кон Бугарија.
Демократскиот сојуз остро реагира на вчерашната изјава на лидерот на ДУИ дека доколку Македонија не продолжи по патот кон ЕУ „некои ќе одат со Албанија, а некои со Бугарија“, оценувајќи ја како директна закана за територијалниот интегритет и повик за поделба на државата.