Огранокот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) во Чаир изрази длабока загриженост за, како што е наведено во реакцијата упатена до медиумите, продолжувањето на неовластените градби на територијата на Општина Чаир, вклучувајќи ги и областите од особено историско и урбано значење, како што е Скопската чаршија. Според реакцијата на овој огранок, бројни граѓани секојдневно контактираат со структурите на ДУИ во Чаир, пријавувајќи конкретни случаи на узурпација на јавни простори, изградба на згради без никаква законска постапка и сериозно оштетување на животната средина.
„Оваа реалност станува отворена рана за Чаир и директно влијае на квалитетот на живот на граѓаните, безбедноста и урбаниот идентитет на нашата општина“, се наведува во реакцијата.
Огранокот на ДУИ во Чаир нагласува дека нема да молчи пред она што го опишуваат како коруптивна деградација на јавниот простор. Тие предупредуваат дека, во континуирана комуникација со граѓаните, јавно ќе го осудат секој случај на неовластена градба, како и секоја форма на институционална соработка што ги овозможува овие дејствија.
„ДУИ Чаир нема да толерира претворање на општината во место за нелегална градба и коруптивни зделки. Секој случај ќе биде јавно објавен и ќе се бара одговорност. Апелираме до Општина Чаир веднаш да престане со секаков облик на соработка или партнерство со вакви нелегални активности, додека Обвинителството и надлежните институции се поканети да дејствуваат без одлагање, во согласност со законот и јавниот интерес. Чаир не е приватна сопственост, ниту место за зделки“, се заклучува во реакцијата на огранокот на ДУИ во Чаир.