ДУИ обвинува за „тортура“ врз 76 вработени во Министерството на Стоилковиќ – биле сместени во три канцеларии без столчиња, бироа и компјутери

„Фактот дека овие вработени, за да го преживеат работниот ден, биле принудени да импровизираат седејќи на подот и носејќи ќебиња од дома, е државен срам што го нарушува човечкото достоинство и ги крши сите законски, морални и европски стандарди“, обвинија од ДУИ

од Nikola Popovski
728 прегледи Фото: Фејсбук/ДУИ

Демократската унија за интеграција остро и безрезервно го осудува, како што велат, нечовечкиот, понижувачки и дискриминаторски однос кон 76 вработени во Министерството за односи меѓу заедниците, за кои велат дека сите од албанска националност и дека биле повикани на работа и заклучени во канцеларии без минимални човечки услови и без никакви работни обврски.

Според ДУИ, сместувањето на десетици жени и мажи во три канцеларии, без столчиња, без бироа, без компјутери, без основни алатки и без никаква професионална посветеност, принудувајќи ги да стојат од 08:00 до 16:00 часот, претставува отворена форма на институционален мобинг и психолошка тортура.

-Фактот дека овие вработени, за да го преживеат работниот ден, биле принудени да импровизираат седејќи на подот и носејќи ќебиња од дома, е државен срам што го нарушува човечкото достоинство и ги крши сите законски, морални и европски стандарди.

Уште посериозно е однесувањето по овој чин. Наместо институциите да преземат одговорност за нехуманите услови што ги создадоа, сликите од оваа ситуација беа јавно злоупотребени за морален линч, додека премиерот отиде дотаму што ги обвини овие вработени за „неморал“.

Ова се жени, мајки, сестри и сопруги Албанки, кои биле понижени од нивната држава, а потоа јавно нападнати од шефот на владата. Ова е црвена линија што е премината и не може да се релативизира, оправда или замолчи. Покрај тоа, ДУИ е исто така нападната во врска со овие настани, додека всушност станува збор за државни службеници, на кои самата држава треба да им обезбеди достоинствени услови и третман, порачуваат од партијата на Али Ахмети.

ДУИ истакнува дека премиерот има морална и политичка обврска веднаш јавно да им се извини на овие жени, нивните семејства и на целата албанска заедница за навредливиот јазик и за легитимирањето на практика што потсетува на најмрачните методи на институционална дискриминација.

-ДУИ бара целосна политичка и административна одговорност за овој скандал, итно прекинување на овој нехуман третман и враќање на нормални и достоинствени услови за работа за сите вработени.

Државните институции не смеат да се трансформираат во простори на колективно казнување врз етничка основа. Човечкото достоинство не е привилегија, туку фундаментално право за кое не може да се преговара, соопштија од опозициската партија.

Видео од канцеларија во Министерството на кое се гледаат душеци како импровизирани кревети и апарати за приготвување чај и тостови, стана новата искра во политичкиот судир меѓу вицепремиерот и министер Иван Стоилковиќ и опозициската ДУИ. Објавата ја направи самиот Стоилковиќ на Фејсбук, тврдејќи дека просторијата ја користеле службеници кои биле отпуштени, а по „документирањето на состојбата“, како што напиша, ги „испратиле да си спијат дома“.

Настанот доаѓа веднаш по реакцијата на ДУИ, која соопшти дека од Министерството се отпуштени седум вработени Албанци и обвини за дискриминација и политички мотивирана мерка во институција која, според мисијата, треба да биде чувар на меѓуетничката еднаквост.

Слични содржини