ДУИ обвинува за урбан хаос во Чаир и бара реакција од државните институции

од Nikola Popovski
34 прегледи

ДУИ изразува длабока загриженост за алармантната ситуација што се одвива во Општина Чаир, каде според Градот Скопје, само во последните две години се изградени над 150 бесправни објекти, претворајќи една од најгусто населените урбани зони во Европа во неподносливо и опасно место за живеење на над 62 илјади граѓани.

-Објавените снимки од самата градоначалничка на Скопје, кои прикажуваат градби покрај училишта, приватни куќи и тесни улички во старите маала, се потресен доказ за еден хаос кој е или поддржан или толериран од институциите. Денешниот Чаир изгледа како мозаик од случајни градби – без план, без логика, и пред сè, без никаква грижа за јавната безбедност, посочуваат од партијата на Али Ахмети.

ДУИ критикува дека државните институции не реагираат, односно, како што велат, нема сигнал од инспекциските служби, ниту интервенција од надлежните структури задолжени за надзор на законитоста.

-Државниот молк не смее да биде штит за оние што систематски го уништуваат единствениот животен простор на жителите на оваа општина. Ова повеќе не е само урбанистички проблем , ова е криза на јавната безбедност и на граѓанското достоинство. ДУИ цврсто стои на страната на жителите на Чаир и бара враќање на законитоста, институционалната одговорност и почитувањето на секојдневниот живот на луѓето кои заслужуваат да живеат во безбедна и достоинствена средина, стои во партиското соопштение.