ДУИ поднесе кривична против Филков поради „попречување на имплементација на албанскиот јазик“

Според ДУИ, министерот за правда го попречил спроведувањето на Законот за употреба на јазиците со тоа што не дозволил правосудниот испит да се полага на албански јазик

од Nikola Popovski
17 прегледи Фото: Фејсбук/Игор Филков

Демократската унија за интеграција (ДУИ) денес поднесе кривична пријава против министерот за правда, Игор Филков за, како што вели, сериозни уставни и законски прекршувања. Партијата го обвинува Министерството за правда за неспроведување на Законот за употреба на јазиците и за неорганизирање на правосудниот испит на албански јазик. Според ДУИ, оваа акција ја нарушува уставната рамноправност на граѓаните Албанци и претставува дискриминација врз основа на јазикот. Бараат Основното јавно обвинителство веднаш да покрене истрага и да продолжи со случајот на суд.

ДУИ го наведува и, како што велат, кршењето на рамноправноста на граѓаните според член 137 од Кривичниот законик, што е во спротивност со одредбите од Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој забранува секаков облик на дискриминација врз основа на јазик и етничка припадност.

„Неспроведувањето на законот и негирањето на ова право испраќа дискриминаторски пораки и ризикува продлабочување на тензиите во мултиетничко општество. Според Законот за употреба на јазиците, државните институции, вклучително и правосудните институции, се должни да обезбедат службените процеси, документи и комуникација да се водат и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните. Со тоа што не го понуди испитот по правосудство на албански јазик и со тоа што одби да го спроведе ова законско право, Министерството за правда ги прекрши своите службени должности, го прекрши уставниот принцип на рамноправност и постапи спротивно на правниот поредок на државата. Поради овие причини, бараме Основното јавно обвинителство веднаш да преземе потребни истражни дејствија, предметот да се процесира пред надлежниот суд и да се гарантира спроведувањето на законот без каква било форма на дискриминација“, велат од ДУИ.

Министерот за правда на 10 февруари годинава изјави дека со постојниот законски и уставен рамки во Македонија, правосудниот испит може да се полага само на македонски јазик, со што ги одби барањата на студентите за полагање на албански јазик. Тој нагласи дека испитот не е само тест на правни знаења туку и проверка на способноста за работа во правосудниот систем каде службен јазик е македонскиот. Филков појасни дека неговото Министерство детално ги разгледало уставните и законските одредби и дека моментално нема законска основа за полагање на албански јазик.

Одлуката дојде откако 385 албански студенти поднеле петиција со барање испитот да се полага на мајчиниот јазик, повикувајќи се на уставно загарантираните права и Законот за употреба на јазиците, но барањето било одбиено.

Слични содржини