ДУИ прифаќа да не биде дел од широката Влада под услов ВМРО-ДПМНЕ да гласа за уставни измени

од Nikola Popovski
409 прегледи

Портпаролот на ДУИ и шеф на македонската дипломатија, Бујар Османи денеска обелодени дека неговата партија прифаќа да не биде дел од Владата, но под два услови.

-ДУИ е подготвена да поддржи Влада без ДУИ до избори доколку опозицијата ги поддржи уставните измени и истите стапат на сила пред формирањето на таа влада, објави Османи, додавајќи дека европската иднина на граѓаните е пред сѐ.

Ова следува откако денеска на лидерската средба во Клубот на пратеници, премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски разговарале за неколку предлози, меѓу кои и за формирање широка Влада. Ковачевски предложил ВМРО-ДПМНЕ да добие пет министерски места.

-Да бидат завршени уставните измени, да отпочне процесот на преговори. Денес добивме потврда дека преговорите со ЕУ не почнале, но ете со прифаќањето на измените потоа да бидат затворени можеби едно, две или три поглавја. На оваа понуда која што е позиција на Ковачевски, кажав во ред и реков дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвен во Влада со СДСМ и останатите партии, но без учество на ДУИ, рече Мицкоски во изјава за медиумите.

Ковачевски исто така го коментираше контра-предлогот на Мицкоски.

-Тој сметаше дека некои партии не треба да бидат дел од Владата, други треба да влезат. Сметам дека нам како Влада ни треба широко обединување на сите. Целите ви ги кажав – уставни измени, завршување на уставните измени, скрининг-процесот, отворање поглавја, затворање едно или две поглавја, па избори во согласност со законот. Затоа сметам дека тоа ќе биде Влада на обединување, европска интеграција, а не Влада на дестабилизација, кажа Ковачевски во изјава за медиумите.