Бесарта Алија од Демократската унија за интеграција денеска на прес-конференција истакна дека општина Чаир станала опасно место за живеење и растење и воспитување на деца. Според членката на партијата во опозиција „оваа состојба во Чаир е резултат на негрижата на градоначалникот“, кој, како што рече, „го елиминирал секое чувство за одговорност и отчетност“.
-Чаир стана опасно место за живеење и одгледување деца. Покрај урбаниот хаос, бетонирањето и нечистотијата, соборените електрични кабли сега претставуваат директна закана за животот на граѓаните, особено на децата. Ваквата состојба е директна последица на негрижата на градоначалникот Висар Ганиу, кој наместо да се грижи за безбедноста на жителите, го елиминира секое чувство за одговорност и отчетност, изјави Алија.
Според ДУИ, заканата по животите на децата е црвена линија.
-Граѓаните веќе го бараат (Ганиу) меѓу „изгубените луѓе“, бидејќи тој и кликата што го контролира, преку масовна корупција и тотално непочитување на секојдневните проблеми на граѓаните го претворија Чаир во неуправувана општина, велат од ДУИ.
-Веднаш бараме интервенција на надлежните институции за да спречи потенцијална трагедија и да одговараат оние кои ја дозволиле оваа алармантна состојба. ДУИ ќе продолжи да ја осудува оваа неодговорност и да ги штити правата и безбедноста на секој граѓанин на Чаир, порачаа од партијата од Мала Речица.