ДУИ: Секој обид да се оспори Законот за јазиците е спротивен на Охридскиот договор и уставниот поредок

од Nikola Popovski
57 прегледи

Во соопштението до медиумите, ДУИ ја одбележува четвртата годишнина од потпишувањето на Законот за употреба на јазиците, нагласувајќи дека ќе го бранат со сите демократски средства и нема да дозволат никакво назадување.

„Денеска ја одбележуваме четвртата годишнина од потпишувањето на Законот за употреба на јазиците – моментот кога беше склучен законодавниот дел од Охридскиот договор, со што на албанскиот јазик му се дава заслуженото место во нашата мултиетничка држава. Овој закон не беше само законска регулатива, туку историски чин кој ја запечати еднаквоста и институционалната стабилност на земјата. Но, четири години подоцна, антиохридските духови повторно се разбудија за да удрат онаму каде што синџирот е најкршлив, каде што можат да предизвикаат најголема поделба – по прашањето за јазикот, најголемиот симбол на меѓуетничката еднаквост и хармонија“, нагласуваат од партијата на Али Ахмети.

Според ДУИ, „обидите да се доведе во прашање уставноста на овој закон не се ништо повеќе од напад на самите основи на соживотот и евроатлантската ориентација на државата“.

„ДУИ оваа политички насочена интервенција ја смета за регресивен чин, кој нема за цел ниту правда ниту институционален поредок, туку создавање тензии и отворање на раните од минатото. Секој обид да се оспори законот за јазиците е обид да се оспори Охридскиот договор и уставниот поредок на самата Северна Македонија. Ги повикуваме сите државни институции и меѓународни фактори да не дозволат земјата да се лизне по патот на ревизионизмот, кој може да доведе до длабока политичка и институционална криза со непредвидливи последици. ДУИ ќе го брани Законот за употреба на јазиците со сите демократски средства и нема да дозволи никакво назадување“, велат од партијата од Мала Речица.

По заканите од ДУИ дека ќе има политичка криза и локалните избори нема да се одржат ако уставен го укине Законот за употребата на јазиците, премиерот Христијан Мицкоски со директна порака до интегративците – политика се води на маса, а оние кои ги распродаваат македонските идентитет и јазик немаат кредибилитет да зборуваат оти не го почитуваат ниту нивниот мајчин албански јазик.

Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи предупреди дека на повидок е длабока политичка криза доколку не се врати балансерот и со одлука на Уставен се загрози употребата на албанскиот јазик, со што, според него, нема да има ниту локални избори.