ДУИ со критики поради присуството на Додик, го нарекоа „човек на Путин“ и „негатор на Сребреница“

од Nikola Popovski
259 прегледи

ДУИ се противи на вчерашното присуство на претседателот на Република Српска, Милорад Додик во Министерството за односи меѓу заедниците. Според партијата, ова е тешка навреда, како што велат, човекот на Путин и негатор на Сребреница да биде почесен гостин во Министерството задолжено за примена на Охридскиот рамковен договор.

-Синоќа секој Албанец и секој достоинствен граѓанин во оваа држава се почувствува навреден, понижен и предаден. Во чин што ја надминува секоја морална и политичка логика, во зградата што треба да го симболизира Охридскиот договор и меѓуетничката хармонија, беше примен Мирослав Додик – продолжената рака на Владимир Путин, човекот кој работи на поделбата на Босна и Херцеговина и човекот кој го велича нехуманиот масакр во Сребреница. Како е можно човек изолиран од демократскиот свет, кој сее поделби и омраза, да биде официјално пречекан од Влада која тврди дека ги застапува евроатлантските вредности и меѓуетничкиот мир? Каква порака испраќа оваа влада до албанските граѓани, до семејствата на жртвите од геноцидот, до оние кои сè уште веруваат во правда и достоинство? Овој чин е сериозен удар за Охридскиот договор. Присуството на Додик е шлаканица за жртвите од Сребреница, за Албанците и за секој граѓанин кој верува во слобода и еднаквост. Тоа е порака која покажува дека оваа власт освен што нема легитимитет, изгуби и секакво чувство за почит кон нашата историја и жртви. Ова е денот кога сите се чувствувавме навредени. Денес сите се срамиме. И денес сите сфативме дека оваа влада ја помина секоја црвена линија. Овој срам никогаш не треба да се заборави, порачаа од партијата на Али Ахмети.

Додик беше во Скопје како дел од чествувањето на празникот Свети Сава и присуствуваше на Светосавската академија одржана во МНТ. Тој во своето обраќање пред присутните гости, порача дека Македонија е пример за непринципиелноста на Европската унија.

-Ние сме на европскиот пат, но гледаме дека токму таа Европа е таа што најмногу се посрамоти во Северна Македонија, која направи многу отстапки и малку доби од таа Европа. И еден ден ќе треба да застанеме и добро да размислиме дали да продолжиме по овој пат, кажа меѓу другото Додик.

Слични содржини