Демократската унија за интеграција (ДУИ) во сабота ќе одржи состанок на Генералниот совет, а на дневен ред се 3 точки: конституирање на Претседателството на партијата, избор на надзорен орган на генералниот совет, како и распишување на избори во подмладокот на партијата.
Генералниот совет на ДУИ што ќе се одржи в сабота, со почеток во 13:00 часот, во Тетово, доаѓа по средбата на лидерот Али Ахмети со таканаречената „Огнена група“, поточно со Муса Џафери, Изет Меџити, Блерим Беџети, Невзат Бејта и Садула Дураку. Првите четворица, поддржани од дел од членовите на партијата, му напишаа отворено писмо на Ахмети, а изразија незадоволство од работата на вицепремиерот Артан Груби, како и од нефункционалноста на партиските тела подолго време.
Политичкиот аналитичар Урим Салиу очекува по оваа средба Али Ахмети да успее да ја одржи смиреноста на двете групи, од кои едната има членови кои се на високи позиции.
– Мислам дека Али Ахмети ќе успее да ја одржи смиреноста на двете групи, од кои едната има членови кои се на високи позиции, а другата е она која вели дека тие се тие што ги создале. Во спротивно, без компромис двете страни ќе изгубат. ДУИ не може да победи без Али Ахмети, додека Али Ахмети може да победи без ДУИ. Тоа значи дека тој е нивниот неприкосновен лидер во долгата серија сериски победи. ДУИ отсекогаш имала судири, но тие не можеле да прераснат во поделби. Оние кои се обиделе да му наштетат на ДУИ, не успеале. Сега во оваа партија повторно ги имаме овие тензии кои се појавуваат одвреме-навреме, но нивниот лидер ги гаси како што тоа го правеше 20 години по ред, изјави Салиу за „Локално“.
Формирањето на партиските тела на ДУИ, по партискиот Конгрес што се одржа во Декември 2020 година било пролонгирано поради ковид пандемијата.
– Времето на формирање не е утврдено во Статутот, имаше одредени причини, пред се, беше короната која што не дозволуваше и воопшто физички состаноци и тоа траеше две години и беше веднаш после Конгресот на партијата и така некако се изгуби тука моментот со ковид пандемијата. Така да, мислам сега е навремено да се формираат тие партиски тела во коишто оваа дебата која што не ни е прва, ни последна во ДУИ, јас колку сум внатре, толку знам за вакви забелешки кон едни, кон други, и мислам дека тоа е добро затоа што, така се канализира енергијата, незадоволството на соодветен, на институционален начин преку партиските тела, изјави во телевизиско гостување потпаролот на ДУИ и актуелен шеф на дипломатијата Бујар Османи.
Прашан дали се чувствува загрозен за неговата функција како министер во Владата, Османи рече,„јас сум мисионер, не сум функционер“.
– Јас сум професионален политичар којшто кариерата не ја имам само во Владата. Кога не сум бил во Владата сум бил во партијата, така да, јас сум мисионер, не сум функционер. И овие платформи ми се само начини на изразување на мојата мисија. Дали тоа ќе го правам како портпарол, како министер, како функционер, всушност е една идеја и всушност ние работиме за идејата, вели Османи.
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, по средбата на 5 октомври со претставниците на таканаречената „Огнена група“, која минатиот месец писмено побара реформи во партијата и смена на вицепремиерот Артан Груби, најави дека на 15-ти октомври ќе се одржи Централно совет каде што ќе се разговара за политичката ситуација, но и ќе се избере новото претседателство, кое ќе ги избере и другите органи.
Д.Ј.