ДУИ потсетува дека на 26 септември 2024 година, тогашниот вицепремиер Изет Меџити јавно изјави дека платформата за онлајн игри на среќа „Мегавин“ ќе биде затворена на следната седница на Владата. Од ДУИ додаваат дека седницата помина, одлука не е донесена, а компанијата продолжува да работи.
„Една година подоцна, Владата вели: го чекаме новиот закон. Што се промени? Ништо. Се промени само храброста да се каже вистината.
Ако „Мегавин“ требаше да се затвори со владина одлука, зошто не се затвори? Ако требаше нов закон, зошто беше ветено итно затворање? Вистината е едноставна: „Мегавин“ не се затвора затоа што има политичка заштита.
2,8 милијарди евра се свртеле во коцкарската индустрија во изминатата година во оваа држава. Тоа е моќна индустрија. А кога индустријата е толку голема, таа не бара реклами — таа бара заштита. Денес е јасно дека некои политичари не ја контролираат коцкарската индустрија. Коцкарската индустрија ги контролира нив“, порачуваат од опозициската партија.
Според таборот на Али Ахмети, Чаир и другите градови се преплавени со обложувалници.
„Младите секојдневно се изложени. Семејствата осиромашуваат, а Владата дава бирократски одговори. Ако има политичка храброст, нека ја затворат.
Ако не ја затворат, граѓаните ќе разберат зошто“, стои во партиското соопштение.