ДУИ за изјавата на Мицкоски: Зборувањето за „шајки во рацете и нозете“ е опасно за лидер кој треба да ги обединува граѓаните

од Nikola Popovski
38 прегледи

Демократската унија за интеграција реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи „прифаќајќи го францускиот предлог, директно закова шајки во рацете и нозете на македонскиот идентитет“.

ДУИ вели дека неговата последна изјава не е само несоодветен политички став, туку содржи и опасни алузии што допираат до религиозни и етнички чувствителности.

„Реториката на премиерот не влијае само на неговите политички противници, туку произведува последици што ќе ги трпат самата држава и сите нејзини граѓани. Ако целта на премиерот е да поттикне поделби и конфликти, ДУИ нема проактивно да придонесе за таква атмосфера, но сигурно нема да остане без реакција. Како сериозна и државотворна партија, можеме да имаме различни политички ставови и акции, но не можеме да молчиме пред дискурс што ја загрозува кохезијата и унитарноста на државата, особено кога овој дискурс доаѓа од најголемата политичка партија“, нагласуваат од ДУИ.

ДУИ вели дека не очекува премиерот да се согласи со нив, бидејќи имаат различни визии, но, очекуваат барем да ја разбере одговорноста што ја носи функцијата што ја извршува.

„Зборувањето за „шајки во рацете и нозете“ не е само несоодветно, туку е опасно за лидер кој треба да ги обединува граѓаните. Зрелите демократии не се градат врз клетви и навреди, туку врз институции, одговорност и достоинствен дијалог. Колку побрзо премиерот го разбере ова, толку помала штета ќе ѝ нанесе на земјата што ја претставува“, велат од партијата на Али Ахмети.

Зборувајќи за европскиот пат на Македонија, Мицкоски вчера нагласи дека секој оној, кој не гледа дека ова е суштината на проблемот е, вели или политички аналфабет или не треба да се занимава со политика и додаде дека ова точно го знаел поранешниот министер за надворешни работи.

„Тој точно знаеше што прави, директно стави нож во белите дробови на македонскиот идентитет, и тоа никогаш нема да го заборавам, прифаќајќи го францускиот предлог директно закова шајки во рацете и нозете на македонскиот идентитет. Ќе се бориме до крај, додека можеме, не знам дали ќе успееме, но добиваме симпатии и се повеќе земји и високи политичари го одобруваат ова што го правиме и нашите аргументи добиваат гласност“, рече Мицкоски.