„Загрижени сме од вооружениот напад врз нашиот кандидат и носител на листа во општина Липково, кој беше застрелан од маскирани лица и повреден. За среќа, неговиот живот е надвор од опасност и тој ја добива потребната медицинска помош“, соопштија од ДУИ за вчерашниот вооружен инцидент во центарот на Куманово.
Остро го осудуваат, како што велат, овој варварски чин на насилство и бараар Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство веднаш да реагираат, со целосна транспарентност и решителност, за да ги идентификуваат, уапсат и изведат пред лицето на правдата сторителите на овој напад.
-Ги повикуваме сите наши поддржувачи, симпатизери и граѓаните да останат смирени, да не потпаѓаат жртва на провокации и да ја покажат разумноста што отсекогаш го карактеризирала нашето движење. Во солидарност со повреденото лице и за да ја нагласиме сериозноста на настанот, нашата партија одлучува да ги прекине денешните активности, додека институциите преземат конкретни чекори за враќање на јавната доверба и безбедноста на терен, стои во партиското соопштение.
Носителот на советничката листа на ДУИ во Општина Липково, Зекирија Шаини беше ранет во оружен инцидент којшто се случи вчера попладнето во центарот на Куманово. 43-годишниот Шаини е вон животна опасност, но со прострелни рани на рацете и нозете. Пулмологот е пренесен во кумановската болница, каде што му е укажана помош, па е префрлен на хируршките клиники во Скопје.
На расчистување на случајот, информираат од Основното јавно обвинителство работат двајца обвинители. Се прибираат траги и материјални докази, кои ќе бидат предмет на вештачење. По напаѓачот се трага. Според првичните индиции, според ОЈО не се работи за политички мотиви зад инцидент, но сите околности се проверуваат.