ДУИ: Зошто Македонија не е дел од воената соработка меѓу Косово, Албанија и Хрватска?

од Nikola Popovski
802 прегледи

Демократската унија за интеграција (ДУИ) се огласи за договорот за воена соработка меѓу Косово, Албанија и Хрватска и праша зошто Македонија не е дел од оваа соработка.

Тие наведуваат дека премиерот и министерот за одбрана се приближуваат до Белград, а во исто време министрите од актуелната влада присуствуваат на настани организирани од руската и кинеската амбасада.

„Зошто Северна Македонија беше изоставена од воената соработка со НАТО сојузниците? Албанија, Косово и Хрватска потпишаа меморандум за воена и индустриска соработка, што има позитивни ефекти и врз нивните економии. Во меѓувреме, Северна Македонија остана надвор од оваа важна регионална иницијатива. Дали сме заборавени? Исклучени? Или оваа влада одби да биде дел од процесот?“, се вели во соопштението на ДУИ.

Косово и двете земји од регионот на Западен Балкан кои се дел од Организацијата на Северноатлантскиот договор (НАТО), Албанија и Хрватска потпишаа декларација за продлабочување на соработката во областа на одбраната и безбедноста.

Без конкретни детали, министрите за одбрана на трите земји порачаа дека ќе ја зголемат интероперабилноста на нивните армии преку едукација, обука и заеднички вежби, како и дека ќе се вклучат во борбата против хибридните закани, но и ќе ги координираат политиките за евроатланска интеграција.

Србија го сметаше тоа за чекор што ја „поткопува регионалната стабилност“ и како закана за нејзиниот „територијален интегритет“, додека Косово рече дека иницијативата не треба да се гледа како закана за никого, туку дека треба да се прифати како порака дека трите држави ќе бидат обединети пред секој предизвик или закана.

Слични содржини