Мерките во земјава почнаа да се олабавуваат, а од вчера согласно одлуката на Влада почнаа со работа дел од моловите, спортските обложувалници и автошколите.
-Убаво е што потоврно се отоворија трговските центри, таман убаво е и времето за да се прошета човек.Заштитната маска не ми пречи, си ги почитувам правилата. Дојдов во Веро Џамбо за да им купам на децата некоја играчка бидејќи им имав ветено дека штом се отворат трговските ќе се подновиме со нешто, вели скопјанката Наташа Горѓиевска.
Веќе од вчера преку центрите за едукација за возрасни може да се спроведуваат обуки и семинари. Се отворија и автоиспитните центри и Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас во Скопје. По препорака на Комисијата за заразни болести од вчера почнаа со работа и стоматолошките ординации во земјава кои се должни да се придржуваат кон протоколите и упатствата за работа.
Моловите ќе работат секој ден освен во недела, со ограничено скратено работно време од 10 до 18 часот, но не е дозволено примање гости во рестораните и кафулињата освен преку систем на нарачка или достава.
Мерките попуштија и во однос на службените патувања надвор од земјата за избрани и именувани лица заради координација и други итни причини кои не трпат одлагање, но со почитување на протоколите на Комисијата за одржување потребно растојание.
Се очекува Владата идната недела да го донесе планот за отворање на угостителските објекти, но тоа ќе зависи од епидемиолошката состојбата и почитувањето на мерките.
Попуштањето на рестриктивните мерки како процес ќе се одвива во три фази согласно развојот на епидемиолошката состојба.
Првата фаза е тековно функционирање на стопанските дејности во време на прогласена вонредна состојба и ограничено движење на населението на целата територија на државата со постепено намалување на времето за забрана на движење. Втората фаза како транзициона фаза е иницијално воспоставување на работните активности со почитување на препорачани мерки и стриктни протоколи за работа во услови на превенција и спречување на појава и ширење на Ковид-19. Третата фаза предвидува потполно враќање на редовниот работен процес со почитување на основните мерки за одржување лична хигиена и физичко дистанцирање.
Меѓу секоја фаза ќе следи преглед и проценка на актуелната ситуација и одново одлука дали се исполнети условите да се продолжи олабавувањето на мерките во секоја следна фаза.
Сите следни чекори ќе зависат од три критериуми – дали пандемијата е ставена под контрола, дали здравствениот систем е во состојба да се справи со повторно појавување на случаи и дали системот за надзор на јавното здравство може да ги открие и да управува со случаите и контактите и да идентификува повторување на случаи.
Владата се уште не размислува за скратување на полицискиот час, но може да се наметне потребата во периодот што доаѓа посебно заради тоа што економските оператори постепено ќе се враќаат во функција.
Премиерот Оливер Спасовски вчера изјави дека Владата прави проценки дали ќе се продолжи вонредната состојба.
Од вчера почна да се спроведува таргетираниот скрининг со ПСР тестови на одредени критични категории на пациенти за Ковид-19. Прво почна скринингот на вработените во градинките, со цел паралелно на овој процес со кој се прави изготвување на протоколот за работа на градинките, тие да се ставаат во функција.
Од Министерството за здравство сметаат дека ова е најдобриот пристап, затоа што и на тие несвесни носители на вирусот ќе бидат во можност контактите да ги стават во изолација.
Отворени се пунктови за земање брисови од пациенти кои се упатени од матични лекари по претходен скрининг за Ковид-19 во просториите на центрите за јавно здравје и нивните подрачни единици, а за Град Скопје во поликлиниките на ЈЗУ Здравствен дом – Скопје.
Таргетираниот скрининг за вработените во градинките се спроведува по посебен протокол и со земање на брисеви во пунктовите со веќе дефинирано работно време од 8 до 14 часот.
Центарот за јавно здравје и Институтот за јавно здравје направија план за скрининг на лица за кои се смета дека се во критична категорија. Во овој скрининг ќе бидат тестирани здравствени работници, вработени во градинки, вработени во домови за згрижување на стари лица, пациенти со хронични болести кои беа одложувани, пациенти на биолошка терапија. Скринингот ќе се прави со ПСР тестови, а целта на тестирањето е да се идентификуваат асимптоматските носители на вирусот
Институтот за јавно здравје вчера регистрира 24 оздравени пациенти, и три лица кои починале. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина пациентка од Прилеп на 59 години, хоспитализирана на 7 мај. Во Општата болница во Велес почина пациент од Велес на 76 години, хоспитализиран на 6 мај, а пациентка од Тетово на возраст од 68 години почина на пат кон Инфективната клиника во Скопје, упатена од Клиничката болница во Тетово.
Со новозаразените 20 случаи со Ковид-19, вкупниот број на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1.694, бројката на оздравени пациенти е 1.229, на починати е 95, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 370.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби вкупно хоспитализирани се 38 од кои на кислородна поддршка се 20 пациенти, на механичка вентилација е еден пациент. Во ГОБ „8 Септември” хоспитализирани се вкупно 18 од кои на респираторна машина се четворица пациенти и уште тројца се со потешка клиничка слика.
Во болницата во Битола се хоспитализирани двајца пациенти, а на домашно лекување се следи еден пациент. Во болницата во Штип се хоспитализирани шест пациенти, а уште еден пациент се следи на домашно лекување. На инфективните одделенија во Тетово, Велес, Куманово, Прилеп и Охрид се хоспитализирани 47 пациенти позитивни и сомнителни на Ковид-19.