Министерството за надворешни работи (МНР) преку своите Амбасадата во Анкара и генералниот конзулат во Истанбул внимателно ја следи ситуацијата во југоисточна Турција по силниот земјотрес рано изутринава, и во континуитет известува за состојбата во загрозените подрачја.
-Нашите претставништва обезбедија информации и стапија во контакт со деветте наши државјани кои се наоѓаат во загрозениот регион. Се работи за осум ученици и нивен ментор/наставник, кои преку програмата „Еразмус плус” престојуваат во Република Турција. Како последица од земјотресот, двајца од учениците се здобиле со телесни повреди: едниот ученик е со потешки повреди – скршеница на која во моментов работат медицински лица и е во фаза на санирање – додека вториот ученик е со полесни повреди. Ниту еден од учениците и Менторот не е во животна опасност.
Досега нема информација за други наши државјани кои се наоѓаат во загрозена состојба, или на кои им е потребна асистенција, но нашите претставништва остануваат континуирана комуникација како со надлежните институции на Турција, така и со наши граѓани кои се информираат и кои информираат за состојбите на терен. По инструкција на МНР, дипломат од Амбасадата во Анкара е веќе упатен во регионот за да помогне во евакуацијата на учениците од градот Кахраман Мараш, како и да обезбеди информација и присуство директно на терен во најзагрозените делови за евентуални дополнителни интервенции, информираа од МНР.
Од таму додаваат дека нашите дипломатски претставништва во Турција се на 24-часовно располагање за сите евентуални прашања, на телефонските броеви: +905394569710 во Анкара, +905456149777 во Истанбул, и + СОС телефонот на МНР во Скопје 38975273732.