Од 17-те пациенти од Македонија повредени во пожарот кои се наоѓаат на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија при Ургентниот клинички центар на Србија, на двајца им е потребна механичка вентилација и се во животна опасност.
Д-р Милан Стојичиќ, директор на Клиниката, денеска за Радио телевизија на Србија (РТС) изјавил дека е можно да се префрлат неколку пациенти на превентивното одделение, бидејќи нивната респираторна функција успешно закрепнува, а за изгорениците не е потребно престојување на одделението за интензивна нега.
Тој изјавил дека пациентите се млади, главно на околу дваесет години и дека обемот на изгорениците се движел од 4 до 28 отсто од површината на телото.
Информира и дека некои пациенти биле оперирани и дека следната недела ќе бидат извршени уште пет-шест операции и објаснил дека „некои од нив ќе бидат подложени на автотрансплантација на кожа, односно сопствената кожа на пациентот се зема од други региони и се пресадува на изгорените места“.
Стојичиќ нагласил дека во овој момент нема потреба од донатори на кожа, дека има доволно крв и се друго што е потребно за лекување на овие пациенти. Појаснил и дека моменталната епидемиолошка состојба е таква што никаде не се дозволени посети, а особено на не одделението за интензивна нега.
-На роднините на пациентите им се обезбедуваат информации секој ден во 13 часот и се во постојан контакт со нив, потенцирал докторот.
Пациентите повредени во пожарот се лекуваат во три здравствени установи во Србија – еден во Ниш, дванаесет на Воено-медицинската академија во Белград и останатите во белградскиот Ургентен центар.
Матичните доктори добија инструкции за лекување на повредените од пожарот, но и насоки за издавање на боледувањата. Кризниот штаб им дал препораки за постапување во пост-болничкиот третман за да се превенираат инфекции кои може да им ја влошат состојбата на пациентите.
И додека едни закрепнуваат во земјава, други се борат за живот во странство. Државата го активираше логистичкиот апарат за да обезбеди трансфер на семејствата до дестинацијата каде што им се децата.
Од понеделник пристигнува и итната финансиска помош за семејствата на настраданите. Ќе добијат по 150 илјади денари.