Aдвокатите Драган Пешевски и Јанаки Митровски се пријавија про боно да го бранат пејачот Ламбе Алабаковск кој денеска беше приведен како осомничен за пожарот на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола.
– Јас и Јанаки Митровски јавно се пријавуваме за pro bono одбрана на Ламбе!!! Нека разберат клетите фашисти!!!, напиша адвокатот Пешевски на својот профил на Фејсбук.
Адвокатот Митровски напиша:„Под итно организација за одбрана на Ламбе!!!! Прв се пријавувам!!!“
Според Митровски Алабаковски не може да биде кривично гонет, туку само за материјална штета, зашто не предизвикал општа опасност.
„Клубот бил затворен и со тоа не е исполнето делото Предизвикување општа опасност, што значи ослободителна за Ламбе!“, смета Митровски.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски соопшти дека е фатен сторителот кој ја потпали влезната врата на Центарот за култура „Иван Михаилов“ во Битола.
-Со задоволство можам да обзнанам брза и ефективна разрешница на случајот од пред три дена (04.06.2022) со кривично-правниот настан – пожар во центарот „Иван Михајлов“ во Битола, кој е веќе расчистен и имаме приведено лице кое го призна делото. Се работеше деноноќно да се изнајде сторителот, се земаа предвид сите докази, а по извршените службени разговори во изминатите денови, вчеравечер, со судска наредба, беше извршен претрес на две локации кои ги користи Л.А.(34) од Битола, при што се пронајдени и одземени предмети поврзани со кривичното дело, по што лицето е лишено од слобода. Уште еднаш покажавме дека единствената моќ што ја има секоја правна држава е моќта да го сузбие криминалот. И во овој сегмент нема „пардон“, нема заштитени лица – сите се еднакви пред лицето на законот, а секој којшто се огрешил – мора да одговара!, објави министерот Спасовски.
Според информациите кои МВР ги има потврдено за неколку мендиуми сторителот на ова дело е пејачот Ламбе Алабаковски.
– На 07.06.2022 од страна на полициски службеници од Одделението за криминалистичка полиција при СВР Битола e лишен од слобода Л.А.(34) од Битола.Имено, по преземени мерки и активности за откривање на сторителот и обезбедување докази во врска со случајот со пожарот на културен центар „Иван Михајлов“ во Битола, со наредба од Основен суд Битола, извршени се претреси на дом и други простории кои ги користи Л.А., на две локации во Битола, при што се пронајдени и одземени предмети поврзани со кривичното дело.Лицето е приведено во полициска станица и при извршен службен разговор во целост го признало делото, а по документирање на случајот против него ќе биде поднесена кривична пријава по чл.288 ст.1 од Кривичниот законик, информираат од МВР.