Две деца избегаа од малолетнички дом во Флорида, упаднаа во куќа и пукаа со калашникови кон полицајците кои дојдоа на местото на настанот, соопштија американските власти.
12-годишно момче и 14-годишно девојче пронашле оружје во куќата во која упаднале во Ентерпрајз на Флорида, па пукале кон замениците на шерифот, соопшти канцеларијата на шерифот од округот Волусија.
Девојчето било застрелано и повредено откако вперило оружје кон замениците.
„12-годишно момче, вооружено со калашников АК-47, набрзо го спуштило оружјето и не било повредено“, соопшти канцеларијата на шерифот.
Снимките од камерата на телото покажаа како замениците се кријат зад дрвјата додека одекнуваат истрели околу нив. Снимката од девојчето што беше застрелано е заматена. Од звукот на видеото може да се заклучи дека станува збор за хаотична сцена, додека замениците брзале да му пружат медицинска помош на девојчето кое врескало од болка.
Децата побегнале од црковниот дом
Девојчето било оперирано, па се наоѓа во стабилна состојба, соопштија властите. Замениците на шерифот не беа ранети во пукањето.
Според канцеларијата на шерифот, обвиненијата против децата сè уште не се потврдени.
Децата избегале од домот на Евангелско-методистичката црква од Ентерпрајз во вторникот попладне, соопшти канцеларијата на шерифот.
Неколку часа подоцна, тие влегле во куќата. Минувачите пријавиле дека слушнале како се крши стаклото во куќата, па ја известиле полицијата.