Две години локална власт на ВМРО-ДПМНЕ: „Долговите на општините се зголемуваат, некои градоначалници се вешти со ПР и се фалат во јавноста“

од Nikola Popovski
540 прегледи

Изминуваат две години од работата на градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во најголем дел од општините во земјава. Иако после првата година беше организиран отчет преку Саем, оваа година нема најави за такво нешто. Од партијата на Христијан Мицкоски порачаа дека „општинските власти генерално имаат тројно поголема доверба од Владата“ и дека „општините раководени од градоначалници од СДСМ не им се ни до колена по успесите и работата на општините предводени од градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ“. Од владеачката партија се децидни дека ВМРО-ДПМНЕ ги изневери граѓаните и дека нема ниту проекти, ниту резултати.

Аце Коцевски

Дел од екс-градоначалниците во земјава сметаат дека генерално реформите на системот на локална самоуправа не продолжија и не се премина на следен бран на децентрализација што не е добро за државата, посебно во пресрет на преговорите со ЕУ. Поранешниот градоначалник на општина Велес, Аце Коцевски во разговор за „Локално“ вели дека констатација е дека долговите на општините се зголемуваат.

-На времето Владата предводена од Заев им даде околу 50 милиони евра за да се раздолжат. За жал сега тие долгови се на ниво околу 70 милиони евра – општини со блокирани сметки, јавни претпријатија кои се големи загубари со огромна превработеност. Мислам дека ПР ако се гледа, повеќе се сведуваат на пофалби тоа што се презентира во јавноста. Некои градоначалници се повешти преку своите служби за промоцијa, па успеваат да наметнат таков впечаток. Генерално гледано мислам дека се уште најголем инвеститор во земјата е Владата преку министерствата и ЈПДП. Не е добра состојбата, оценува Коцевски.

Вели дека му пречи и „пречестото и пренападно појавување на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски“ на сите промоции на нивните градоначалници на некои проекти, што нанесува огромна штета за градоначалниците и локалната самоуправа.

-Таа треба да биде независна од централната власт и градоначалникот да биде на сите граѓани. Градоначалниците на тој начин си ги рушат позициите и не градат добри релации со граѓаните кои не ја поддржале ВМРО-ДПМНЕ на последните избори. Не знам колку се свесни за тоа и колкав е демократскиот развој кај нас и капацитетот на расудување. Еден ден ќе сфатат, но за жал ќе биде предоцна, посочува соговорникот.

Според него, потребни се вистински реформи и вистинска децентрализација и растеретување на државата на надлежностите кои се локални и со поголема фискална децентрализација за општините да не бидат зависни од централната власт.

Смета дека две години не се доволни бидејќи проектните циклуси траат многу долго и не е возможно за таков период да се исполнат изборните ветувања.

-Имаат вистинска среќа некои од градоначалниците што наследија готови проекти од претходните градоначалници, како на пример во Велес, проекти кои беа обезбедени со средства на ЕУ, но дојде ред да се реализраат откако мене ми заврши мандатот. Само во Велес 108 милиони денари останаа непротрошени. Сега ќе имаме чудна ситуација – владините институции и владеачките партии тие проекти ќе си ги прикажуваат како свои во изборната кампања бидејќи Министерството за транспорт и врски најчесто се јавува како инвеститор, а градоначалниците се појавуваат на тие настани и се сликаат и си ги прикажуваат како своја заслуга, ни рече Коцевски.

 

Саша Богдановиќ

За состојбите во Градот Скопје и работата на двегодишното работење на градоначалничката Данела Арсовска, поразговаравме со уште еден поранешен градоначалник Саша Богдановиќ. Тој за „Локално“ истакна дека работата на општините се одгледува во вршење на секојдневните обврски и дали услугите се извршуваат квалитетно.

Како што гледаме Градот Скопје како најголем давател на услуги на неколку пати витално ги загрози своите активности, а тоа се гледа и со честата промена на директори на јавните претпријатија. Најголем проблем е дисконтинуитетот, а тоа дека сите претходни проекти кои беа почнати се застанати или стопирани. ГУП-от кој е Устав за градот Скопје е застанат, а требаше да се донесе до 2022 година. Тоа е клучна работа во која насока ќе се развива главниот град, дециден е Богдановиќ.

Поранешниот прв човек на општина Центар се согласува со Коцевски дека две години се мал период за да се реализираат големи проекти, но се доволни за да се отпочнат, да се смени план да се предвиди во развојна програма и барем да се почне со реализација.

Според Богдановиќ, Арсовска потфрли во својата работа со градот.

Градоначалничката нема правец, ги застана сите започнати проекти, а нови нема. Крупните промени како градски сообраќај, носење на нов ГУП, итн. вооопшто не се помрднува. Напротив се враќа наназад или одредени работи крахираат како јавните претпријатија кои се носители на давање на јавни услуги во градот, кратко анализира екс-градоначалникот.

Н.П.

Слични содржини