Две големи тренерски имиња во борба за клупата на Реал, а се уште не се знае што ќе биде со Анчелоти

од Vladimir Zorba
71 прегледи

Иако Карло Анчелоти се уште е „жив“ со Реал Мадрид во борбата за две титули сезонава, сите се убедени дека деновите на Италијанецот на клупата на „кралевите“ се одбројани.

Секако, кога е во прашање клупата на најголемиот фудбалски клуб во светот, се шпекулира и за најголемите тренерски имиња.

Секој има свои миленици, или симпатии кон некого, но јасно е дека, на пример, Пеп Гвардиола никогаш нема да седне на клупата на Реал Мадрид.

Сепак, има тренери во фудбалскиот свет кои се многу желни да ја преземат таа работа. Но, сега треба да се избере – најдобриот. Или можеби подобро кажано, оној кој ќе освојува трофеи. А според пишувањата на шпанските медиуми во последните денови, двајца се фаворити. Така, на Радио MARCA во емисијата „La Tribu“ беше потврдено дека главни цели се Јирген Клоп и Чаби Алонсо.

Иако официјална опција на клубот е Чаби Алонсо, актуелниот тренер на Баер Леверкузен, десната рака на Флорентино Перез, Хозе Анхел Санчез, има поинаков план.

Како што откри новинарот Варела, Анас Лаграри, марокански инвеститор израснат во швајцарскиот банкарски систем и моментално главен сојузник на Перез во проектот Суперлига, е голем обожавател на Јирген Клоп.

„Зборуваме за Анас Лаграри, човек кој е клучен поддржувач на Флорентино Перез во проектот за Суперлигата. Апсолутно е вљубен во Јирген Клоп и со недели, па и месеци му сугерира на претседателот на Реал да размисли да го ангажира. Клоп одлучи да го напушти Ливерпул на врвот на својата слава од лични причини, заминувајќи во голема мера, па дури и благословувајќи го својот наследник“, откри Варела во емисијата „La Tribu“.

Иако Клоп не се повлече целосно од фудбалот – тој моментално ја извршува функцијата директор за фудбал во групата Ред Бул и го надгледува развојот на нивните клубови – јасно е дека тоа не е исто што и раководењето со првиот тим.

„Искрено, не знам што ќе биде со клупата на Реал Мадрид, затоа што, на крајот на краиштата, историјата покажа дека планирањето во Реал кога се во прашање тренерите често не оди како што треба“, вели Варела за Радио MARCA.

Зборувајќи за желбите на Карло Анчелоти, Раул Варела откри дополнителни детали.

„Она што можам да го кажам во овој момент е дека Анчелоти сака да остане во Реал Мадрид. Тој многу би сакал да ја одработи последната година од договорот со клубот. Мислам дека Анчелоти веќе донел одлука што ќе прави доколку не остане во Мадрид. Оваа одлука, иако е спротивно на мислењето на некои од неговите најблиски кругови – семејството и пријателите, кои не се директно поврзани со фудбалот – е да ја преземе репрезентацијата на Бразил. Повторувам: под услов да не продолжи на клупата на Реал Мадрид“, откри Варела.

Во врска со блиската иднина, Варела рече: „Искрено, не знам што точно ќе се случеше доколку Анчелоти повеќе не беше тренер на Реал Мадрид. Не ми е јасно дали ќе остане ако го освои Копа дел Реј, дали ќе остане ако ја освои Ла Лига или дали ќе замине ако ги загуби двата трофеи – пред, после или во текот на летото… Навистина не знам“.

Тој исто така додаде дека Анчелоти има една голема опсесија на која Мадрид мора да биде особено внимателен.

„Она што најмногу го загрижува сега е тоа што кога ќе дојде време да си замине, тоа ќе биде со почестите што ги заслужува. Тој, на пример, би сакал да има слично збогум на Јирген Клоп во Ливерпул: со полн стадион, почесен круг, овации, песната „You’ll Never Walk Alone“, големо признание… Тој не сака неговата разделба со Реал да се сведе на обичен твит со пораката „секогаш ќе бидеш еден од нас“.

На крајот, Варела заклучува: „Дури мислам, и ова е повеќе чувство отколку информација, дека доколку Анчелоти ја освоеше Лигата на шампионите оваа година, самоволно ќе решеше да се збогува со Реал Мадрид“.

Слични содржини