Две момчиња паднале од Петроварадинската тврдина во Нови Сад, едното починало

од Stefanija Kuzmanovska
234 прегледи

Две момчиња на возраст од 30 години утринава околу 5 часот паднале од бедемот на Петроварадинската тврдина во Нови Сад, пренесе РТС.

Едното момче починало и покрај напорите на лекарите од Итната помош да го реанимираат, а другото во тешка состојба е пренесено на хируршкото одделение на Ургентниот центар во Војводина.

Од Ургентниот центар соопштија дека младиот човек бил примен со тешки повреди на повеќе органски системи.

„По прегледот, првичната дијагноза, итната хируршка нега и стабилизирање на општата состојба, пациентот е примен на болничко лекување на интензивна нега во Ургентниот центар УКЦВ, каде што ќе му се врши понатамошен мониторинг и интензивно хируршко лекување“, соопштија од Ургентниот центар на Војводина.

Дел од српските медиуми пренесоа дека додека биле на тврдината, едно од момчињата сакало да се фотографира, по што изгубил рамнотежа и паднал од неа, со себе повлекувајќи го својот пријател.

Сепак, засега нема официјална потврда за ваквите наводи и не е познато како точно момчињата паднале од бедемот на Петроварадинската тврдина на висина од околку 20 метри.

Истрагата е во тек.

Слични содржини