Заскитан куршум е причината за смртта за двегодишното дете на Нова година – потврди министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Истрагата продолжува.
„Она што досега е официјализирано е дека станува збор за куршум потврден од надлежните органи. Не станува збор за куршум директно насочен кон детето, туку за залутан куршум. Преземаме сè за да утврдиме конкретен сторител, но во ваква ситуација ова се доста тешки случаи за детектирање и откривање сторител“, кажа министерот на денешната прес-конференција.
Во однос на обвинувањата од родителите на починатото дете за полициска бруталност истата вечер, Тошковски појасни дека полицијата интервенирала во Градската болница во Скопје по повик од болничкиот персонал.
Според информациите што ги добил Тошковски, и полициските службеници затекнале агресивно и недолично однесување од страна на поголема група луѓе во просториите на болницата.
„Двегодишното детето беше примено на Ургентниот центар, а поради сериозноста на состојбата беше згрижено на Клиниката за неврохирургија, на одделот за интензивна нега, се интубираше, поставено на механичка вентилација, ординирана антибиотска и антиедематозна терапија, 24-часовен мониторинг. Интензитетот на деструкцијата на мозочното ткиво не дозволуваше хируршко лекување. И покрај максималните напори на медицинскиот тим, исходот беше трагичен, како резултат на многу тешките повреди на мозокот од страна на метално страно тело“, соопштија во петокот од Министерството за здравство.
Според кажувањето на мајката, тие заедно присуствувале дочекот со огномет.
20 пациенти беа примени на клиниките со повреди од пиротехнички средства. Најмалиот пациент 12 години, највозрасниот 69. И по Нова година, надлежните со нов обид за подигнување на свеста за опасностите од употреба на пиротехнички средства.