Двете Кореи ќе воспостават меѓусебна воена „жешка” телефонска линија, Русија и Кина задоволни

од desk2
78 прегледи

Северна и Јужна Кореја денеска одлучија, во првите разговори по две години, да ја обноват воената телефонска врска меѓу себе, соопшти јужнокорејски претставник.

Пред неколку дена беше воспоставена цивилна телефонска линија меѓу Сеул и Пјонгјанг.

Северна Кореја соопшти дека е завршена техничката поддршка за возобновување на работата на воената линија на западното крајбрежје кај границата со Јужна Кореја, изјави јужнокорејскиот заменик-министер за национално обединување Чхун Хе-Сун.

– Решивме повторно да почнеме да ја користиме оваа воена телефонска линија од утре од 8 часот, прецизира тој.

Русија го поздравува дијалогот што започна меѓу претставниците на Северна и Јужна Кореја, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.

Според неговите зборови, само преку таквиот „директен и непосреден контакт” меѓу двете земји е можно „да се намалат тензиите на Корејскиот Полуостров”.

Песков истакна дека рускиот претседател Владимир Путин постојано повикува на создавање услови за продолжување на дијалогот меѓу двете корејски држави.

Првиот круг разговори за подобрување на односите меѓу Сеул и Пјонгјанг започна ова утро во демилитаризираната област на 38-та паралела. Во центарот на вниманието ќе биде договарањето практични чекори за затоплување на односите, вклучувајќи го учеството на севернокорејските спортисти на Зимските олимписки игри во Пјончан, Јужна Кореја.

Кина, исто така, го поздравува почетокот на дијалогот меѓу Пјонгјанг и Сеул.

– Ние сме многу задоволни од тоа што ќе се одржат разговори на високо ниво меѓу двете Кореи, изјави денеска портпаролот на Министерството за надворешни работи Лиу Кан.

– Како сосед на Корејскиот полуостров, Кина ги поздравува и поддржува последните позитивни активности преземени од двете Кореи за подобрување на нивните односи, додаде тој.

Пекинг, кој е единствениот важен сојузник на Пјонгјанг, беше подложен на силен притисок, да го користи своето влијание за да го натера да се врати на преговарачка маса и да ги прекине своите нуклеарни програми.

Иако, Кина објаснуваше дека влијанието и е ограничено, таа гласаше за санкциите на ОН против режимот на Ким Џонг-ун, вклучувајќи и забрана за извоз на текстил, морска храна и други стоки и строги ограничувања за увоз на нафта и нафтени деривати.