Двете најголеми партии ги избираат кандидатите: ВМРО-ДПМНЕ денес со конвенција, СДСМ утре на конгрес

од Nikola Popovski
257 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе одржи конвенција за избор на кандидат за претседател на државата, за која функција на партискиот повик се пријави само професорката Гордана Силјановска-Давкова.

СДСМ, пак, утре ќе одржи конгрес на кој треба да се официјализира поддршката за актуелниот претседател Стево Пендаровски. Тој до ДИК ја достави и иницијативата за собирање потписи, а тоа го најавува и кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Силјановска-Давкова.

Претседателскиот кандидат на Левица, професорката Билјана Ванковска и Стевчо Јакимовски, кандидат на ГРОМ ги собраа потребните 10.000 потписи за претседателската кандидатура. Претходно, потребните потписи ги собраа и кандидатот на ЗНАМ, Максим Димитријевски, на ДУИ-Бујар Османи и на коалицијата „Вреди“-Арбен Таравари.

Во подрачните канцеларии на ДИК и пред овластени нотари потписи собираа 11 кандидати кои сакаат да се кандидираат за Претседател на државата. Постапката за собирање потписи, која почна на 23 февруари ќе трае непрекинато секој ден од 8 до 20 часот, а последниот ден на 8 март ќе работат до 24 часот.

Претседателските избори се закажани за 24 април, а вториот круг е на 8 мај кога треба да се одржат и парламентарните избори.

Слични содржини