Заедно со вториот круг од претседателските избори, во земјава ќе се одржат и парламентарните избори. Ова е епилогот од лидерската средба со парламентарните партии во Парламенто. Одредени беа датумите 24 април за првиот круг од претседателските избори и 8 мај за вториот круг и парламентарните избори.
Инсистирањето за заедничко одржување на двата вида избори прво го изнесе опозициската ВМРО-ДПМНЕ со аргумент дека не треба да се трошат вишок средства на два различни избори кои треба да се одржат за неколку месеци. Датумот на парламентарните избори и вториот круг од претседателските избори е во работен ден – среда, но во работен ден се одржаа и изборите во 2020 година, кои беа во ситуација на пандемијата на Ковид 19. Од друга страна, до 12 мај новоизбраниот претседател мора да ја преземе функцијата за да не предизвика политичка криза во државата.
Т.н. Пржинска Влада ќе стартува на 28 јануари, кампањата на 4 април, а кој ќе биде техничкиот премиер од редовите на ДУИ се уште останува неизвесно.
Во меѓувреме, според препораките на ОБСЕ ќе се прават измени на изборниот законик, а не е прифатен предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на техничката влада која подготвува избори.
Лидерската средба ја напуштија претставниците на опозициските партии од албанскиот блок, кои посочија дека се уште нема одлука за нивниот предлог за додавање нивен претставник во Државната изборна комисија, предлог за кој беше доставен до Собранието пред еден месец.