DW: Хојт Ји нема да се сретне со Иванов

од Vladimir Zorba
78 прегледи

Високиот американски функционер ќе разговара со политичките лидери за статусот за формирање влада и реформите за евроатлантска интеграција. Неофицијално дознаваме дека Ји нема да се сретне со шефот на државата, пишува DW

Mazedonien Hoyt Brian Yee zu Besuch in Skopje (MIA/Photo Service)

Брајан Хојт Ји, заменик-помошник државен секретар за Европа и Евроазија во американскиот Стејт департмент, во понеделник, на 1 Мај, доаѓа во Македонија, потврдија од амбасадата на САД.

„Хојт Ји доаѓа за да се види и разговара со политичките лидери во врска со статусот за формирање на влада, билатералните односи и реформите потребни за евроатлантската интеграција“, велат од амбасадата, без попрецизно наведување на неговите соговорници.

Засега е извесно дека Ји ќе биде во еднодневна посета на Македонија и дека ќе се сретне со лидери на политички партии. Како што неофицијално дознава Дојче веле од партиски извори, високиот американски функционер нема да се сретне со претседателот Ѓорге Иванов. Овие извори не ги знаат причините за тоа, но претпоставуваат дека се поврзани со претходниот однос на шефот на државата кон добронамерните сугестии од официјални претставници на земји-стратегиски пријатели на Македонија.

Gorge Ivanov und Hoyt Brian Yee 27.01.2014 in Skopje (MIA)

На Македонија и треба влада!

Последна порака до политичарите во Македонија, Хојт Ји ја упати при неговата неодамнешна посета на Загреб, на 7-ми март годинава.

„Политичките лидери во Македонија, вклучително и претседателот, да направат сѐ што е неопходно наскоро да се формира влада без натамошно одлагање, на начин кој е во согласност со Уставот на земјата. Мнозинството во македонскиот парламент изрази волја да формира влада. Се надеваме дека македонскиот претседател ќе им овозможи на мнозинството членови на парламентот што побрзо да формираат влада. На државата и треба влада која мора да ги продолжи реформите“, изјави Ји.

Тој им порача на политичките партии да ги остават настрана нивните тесни политички и лични интереси, благосостојбата на граѓаните да ја стават на прво место, и да не се држат круто до својата агенда и во одбивањето компромиси.
„На Македонија ѝ претстои многу работа, но прво мора да формира Влада, а ЕУ и САД соработуваат блиску за тоа да се случи. Сведоци сме на промени. Има страни кои сакаат да останат на власт и оние кои сакаат да дојдат на власт, во некои случаи и првпат. Природно и нормално е политичката напнатост да биде многу висока, реториката е многу силна, можеби не е прифатлива, но ние веруваме дека луѓето во Македонија сакаат да влезат во НАТО и во ЕУ. За да се случи тоа, мора да дојде до политички консензус, компромис кој ќе овозможи формирање стабилна влада“, истакна високиот функционер на Стејт департментот.

повеќе тука