Посредникот на ЕУ во Македонија денеска го има последниот работен ден. Вели дека е шокиран од атмосферата на страв во земјата и смета дека изборите нема ништо да променат. Македонија не е подготвена за избори, вели тој за DW
ДВ: Г-дине Ванхауте, бевте инволиран како посредник на ЕУ во македонската политичка криза од летото 2015. Некаде во исто време беше објавен и Извештајот на Прибе кој нотираше сериозни недостатоци во земјата, вклучително и различни форми на корупција во власта, изборни измами, уцени, напади, илегално прислушкување, политичко влијание врз судството итн.
Успеа ли Вашата медијација да се справи со овие проблеми?
Ванхауте: Мојата медијација резултираше во создавањето на Специјалното јавно обвинителство кое е одговорно за истрага на содржината на прислушкуваните материјали. Дополнително, беше направен одреден напредок и во однос на изборниот процес, преку измена во Изборниот законик и со именувањето на тројца независни експерти во Државната изборна комисија. Сепак, во сите други споменати области, не беше направен никаков напредок, затоа што санирањето на сите недостатоци се одбива од владејачките партии. Системот на контрола етаблиран, во најголем дел, од ВМРО-ДПМНЕ стига до сите сите делови на општеството и не дозволува никакво слободно и критичко мислење, а не пак сугестии за промена на курсот во подемократски. Како резултат на тоа има клима на генерален страв. Луѓето се плашат дека ќе бидат отпуштени (од работа, н.з.) или ќе завршат во затвор, принудувани се да присуствуваат на партиски митинзи и на владини „контра-протести“ против секоја легитимна форма на протест, најчесто во замена за мала сума пари и малку сендвичи. Платите на учителите и јавните службеници намерно се држат ниски за да ги направат луѓето уште позависни од партијата.
ДВ: Подготвена ли е Македонија за избори на 5 јуни?
Македонија повеќе од јасно не е подготвена за избори. Од аспект на резолуција на конфликти, најпрво мора да се решат сите клучни проблеми и да се врати земјата назад во нормална функционална демократија. Дури тогаш може да се размислува за организирање избори. Невозможно е во оваа временска рамка да се решат големиот број проблеми или проблемите со избирачките списоци. Со вештачко намалување на бројот на проблемите, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да избега од својата одговорност по обвинувањата за организирана изборна измама на претходните избори и отфрла секаква одговорност за злоупотребите на изборните листи. Дополнително, повеќе медиуми се под целосна контрола на ВМРО-ДПМНЕ. Преговорите за медиумските реформи пропаднаа затоа што партијата одбива да предаде било каква контрола врз медиумите и врз Агенцијата за регулација на медиумите. Недостатокот на медиумски слободи и на балансирано политичко известување е една од главните причини зошто изборите сега не се баш добра идеја. Дополнително, поради отсуството на сепарација на партијата и државата невозможно е да се организираат слободни и фер избори со еднакви услови за сите партии.
ДВ: Со оглед на тоа дека Македонија е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година, бевте ли изненадени од состојбата, особено со она што беше откриено преку прислушкуваните разговори, кога првпат дојдовте во државата?
Не бев изненаден од актуелните проблеми, но изненаден сум од апсолутниот недостаток на одговорност, како никој од јавните функционери да не е одговорен за ништо. Последниве месеци имав можност да се сретнам со стотици луѓе од целата земја и признавам, шокиран сум од актуелната ситуација, атмосферата на страв, потиснувањето на слободата, од големиот број луѓе кои се во притвор само поради тоа што и се спротивставиле на владата или одбиле да ги прифатат нејзините правила. Шокиран сум од големиот број луѓе, вклучително и судии, кои беа отпуштени последниве години. Шокиран сум од високото ниво на корупција, каде купувањето диплома и универзитетски звања е прифатена пракса, додека низ целата земја се вработуваат некомпетентни луѓе, пракса што ќе резултира во целосен крах на нормалното функционирање на земјата. И шокиран сум од слабиот квалитет на образованието, каде децата се учат дека некои луѓе, како банкари или политичари се подобри од луѓето од ‘пониските слоеви,’ и притоа мораат да учат фалсификувана историја.
ДВ : Политичката криза во Македонија трае повеќе од една година и нема решение на повидок. Што е според Вас најголемата пречка?
Најголемата пречка за позитивен исход е недостатокот на одлучност на меѓународната заедница. Речиси е невозможно за локалните граѓани да го вратат општеството во нормала. Промена на режимот преку избори повеќе не е опција. Меѓународната поддршка е единствена алтернатива, а итно е потребно дејствување. Тоа дејствување треба да резултира во создавање на ад хок техничка влада за најмалку 2-3 години, време кое е неопходно за решавање на бројните проблеми, во финансискиот менаџмент, судството, образованието и медиумите, со кои се соочува земјата.
ДВ: Во октомври минатата година предупредивте дека „Македонија може да стане изолирана како Белорусија“ доколку не се имплементираат реформите. Шест месеци подоцна реформскиот процес е далеку од имплементиран. Дали ова сценарио е сега уште поизгледно?
Според развојот во последните месеци и одбивањето на актуелната коалиција да ја прифати одговорноста за било кој од заклучоците во Извештајот на Прибе, можам само да заклучам дека сме еден чекор поблиску до ова сценарио. Во оваа фаза, изборите не решаваат ништо, туку само ќе ја продлабочат актуелната криза.
Повеќе ТУКА