ДЗР: Цената на изградбата на автопатот Охрид-Кичево пораснала за 45%

од Nikola Popovski
208 прегледи

Најголемиот дел од материјалните средства на ЈП за државни патишта или 46% од нив, се материјални средства во подготовка, кои се однесуваат на изработка на проектни документации, извршени експропријации, изградби, реконструкција и рехабилитација на државните патишта и нивен надзор.

За дел од овие средства се утврди недостаток на системски и аналитичен пристап и недоволна подготвеност при планирање, проектирање, градење и реконструкција на патни делници низ државата, што предизвикало зголемување на вредноста на склучените договори и пролонгирање на рокот за изградба/реконструкција на делниците, покажале резултатите од ревизијата на финансиските извештаи заедно со ревизијата на усогласеност на ЈП за државни патишта, за 2022 година што ја направил Државниот завод за ревизија.

ДЗР констатира, поради појавени непредвидливи и дополнителни работи биле направени измени и дополнувања на основните проекти – варијации, чии број се движи од една до 42 промени соодветно по проекти, како и продолжувања на рокот за градење на делниците од осум месеци до шест години.

Најмногу варијации, најголемо продолжување на рокот и зголемување на вредноста на договорот од 45% (187 милиони евра) има кај изградбата на патната делница Кичево – Охрид. И покрај дополнителен заем од 180 милиони долари, пролонгирање на изградбата за 6 години и зголемување на вредноста на договорот за 45%, констатира Државниот завод за ревизија, делницата Кичево – Охрид не е изградена.

-Според износот на инвестирани средства и должината на патната делница која се гради, најголем проект, претставува изградбата на патната делница Кичево – Охрид, чија должина изнесува 56,7 km, а чиј износ заклучно со декември 2022 година изнесува 31.597.364 илјади денари (приближно 512 милиони евра), односно за изградба на 1 km од оваа патна делница, до крајот на 2022 година инвестирани се 557.273 илјади денари (приближно 9 милиони евра). До ноември 2023 година инвестираните средства достигнуваат износ од приближно 575 милиони евра, се вели во денешното соопштение од РЗР во врска со извршената ревизија.

Слични содржини