Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи на Државната изборна комисија на сметката на основен буџет за 2019 година, заедно со ревизија на усогласеност.
Со извршената ревизија за 2019 година за вистинитото и објективното прикажување на финансиските извештаи, како и за усогласеност на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставените политики изразивме неповолно мислење.
Извршена е ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на ДИК на сметката за основен буџет за 2016 година и изразено е неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи, како и за усогласеност на активностите, финансиските трансакции и информации со релевантната законска регулатива, упатствата и воспоставените политики.
Ревизија на спроведувањето на препораките презентирани во Конечниот извештај за финансиските извештаи и ревизија на усогласеност на Државната изборна комисија за 2016 година е извршена во месец февруари 2019 година, при што е констатирано дека од вкупно дадени 30 (триесет) препораки, 3 (три) препораки се спроведени, за 8 (осум) препораки спроведувањето е во тек, 6 (шест) препораки не се спроведени, 12 (дванаесет) препораки делумно се спроведени и спроведувањето на 1 (една) препорака не е применливо.
Со ревизијата на финансиските извештаи за 2019 година, заедно со ревизија на усогласеност, го констатиравме следното: – не е донесен акт со кој ќе се утврдат минимални стандарди за материјално технички средства и опрема, просторно сместување и човечки ресурси заради безбедно, непречено и економично извршување на надлежностите поврзани со чување на изборниот материјал;
– недоследности во начинот на користење на магацинските простори кои ги користи ДИК за чување на изборниот материјал;
– несоодветно постапување при извршување на активностите на пописот на средствата и побарувањата и донесување на актите за прифаќање на истиот;
– отсуство на целосна, уредна и веродостојна поткрепувачка документација за исплата на надоместоците за лицата ангажирани во изборниот процес;
– податоците за исплатените надоместоците во ОИК, внесени од страна на ОИК, не се зачувани во веб апликацијата (електронски или во хартиена форма);
– при начинот на пресметка на надоместокот за лицата ангажирани во помошните тела и изборната администрација утврдивме дека пресметката на надоместокот за работни компетенции и работна успешност како дел од вкупниот надоместок е извршено врз основа на критериуми кои не се квалитативно определени и мерливи и
– недоследности при постапувањето во начинот на спроведување на постапките при доделувањето на договорите за јавни набавки.
За констатираните состојби дадени се препораки, со цел надминување на состојбите.
Во делот на нагласување на прашања за неизвесност или континуитет обелоденивме состојби кои се однесуваат на поведени постапки пред надлежен орган кои до денот на известување од извршената ревизија се уште не се завршени, како и за начинот и условите за спроведување на гласањето на граѓаните на РСМ кои за време на изборите се наоѓаат на привремена работа или престој во странство.
Во делот на Останати прашања ја истакнавме потребата од усогласување на законите кои го уредуваат оданочувањето на изборните активности.
Од страна на потпретседателот на Државната изборна комисија доставени се забелешки на Нацрт извештајот на овластениот државен ревизор. Забелешките се разгледани и оценето е дека најголем дел од забелешките претставуваат известување односно образложенија за причините за констатираните состојби кои овластениот државен ревизор ги имаше во предвид во текот на ревизијата, дел не се прифаќаат, додека една забелешка се прифаќа, поради техничка грешка, соопштија од ДЗР.