Романскиот премиер Виктор Понта е обвинет од Националното обвинителство за борба против корупцијата за фалсификување и перење пари во времето додека бил адвокат, јави Аџерпрес.
Обвинителите доставиле обвиненија до уште четири лица за истиот случај, кој е испратен до Врховниот касациски суд.
Во јули обвинителите покренаа обвиненија против Понта, вклучувајќи затајување даноци, перење пари, конфликт на интереси и поднесување лажни сметки, додека работел како адвокат во 2007 и 2008. За тоа време Понта беше пратеник. Тој негира дека вршел злоупотреби.
Понта е првиот актуелен романски премиер, против кого е покренато обвинение, а врз неговиот имот е наложена конфискација.
Романскиот премиер е обвинет за т.н. случај „Турчени-Ровинари“. Тоа се енергетски комплекси во Романија.
Обвинет за делото е и уште неговиот близок соработник и сопартиец Дан Шова, кој е обвинет дека незаконски уплатил 870.000 долари како адвокат во приватизацијата на енергетските комплекси и уништил компјутерски фајлови за да ги прикрие трагите./МИА
