Еден од родителите од Кочани: Адвокатите на обвинетите со гордост велат дека судскиот процес ќе трае 15-20 години

-Кога имавме средби со премиерот и министерот за внатрешни работи, ни беше кажано дека случајот во Кочани е врв на сите криминали и лоши настани што се случуваат и дека мора да се направи еден рез. Ако не се направи тој рез, не треба да не има нас како држава, кажа таткото на починатиот Андреј Стојанов

од Nikola Popovski
32 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/360 степени

Таткото на Андреј Стојанов, еден од загинатите во дискотеката „Пулс“, по завршувањето на судското рочиште изјавил дека после осум месеци од трагедијата, родителите се чувствуваат како изманипулирани и стравуваат дека целиот процес ќе заврши како со трагедијата во Ласкарци, несреќата со автобусот на „Беса Транс“ во Бугарија или случајот со пожарот во тетовската модуларна болница.

-Кога имавме средби со премиерот и министерот за внатрешни работи, ни беше кажано дека случајот во Кочани е врв на сите криминали и лоши настани што се случуваат и дека мора да се направи еден рез. Ако не се направи тој рез, не треба да не има нас како држава. Сега ова е еден, според нас, од најважните испити во државата. Гледаме дека како што минува времето, нас не оставаат на страна на заборав. „Они си имаат место каде што можат да плачат, нека си гледаат гробиштата, нека си одат таму и јавноста да не ја замараат. Не се веќе интересни“. Толку се осеќаме исцрпени и омаловажени. Од првиот ден на судското рочиште, гледаме како познати адвокати и бранители со кои разработени шеми и математики дејствуваат. На кој начин сакаат нас оштетените начин да не уништат – нека им служи на чест, рече таткото во изјава за медиумите пред судницата во КПУ „Идризово“.

-Ме чуди со која свест и кое лице, адвокатите на обвинетите ќе се ситат и ќе земаат крвави пари и со која гордост ги даваат изјавите дека ова рочиште ќе трае 15-20 години. За нас 15 дена се многу. Веќе осум месеци поминаа. Тие од која основа и појдовна точка го велат тоа…, додаде родителот.