Сите три концерти на Тејлор Свифт во Виена закажани за денеска, утре и задутре се откажани откако полицијата уапси двајца мажи осомничени дека планирале напад. Австриските медиуми објавија дека никогаш досега во Австрија не бил откажан концерт поради закана од тероризам. Еден од уапсените е по потекло од Македонија, а според австриските медиуми бил планиран бомбашки напад.
Генералниот директор за јавна безбедност, Франц Руф изјавил дека 19-годишниот австриски државјанин бил уапсен во средата наутро во Терниц во провинцијата Долна Австрија. Според австриските медиуми, младиот човек, односно неговите родители се од подрачјето на Македонија, а се радикализирал преку Интернет. „Дер Стандард“ пишува и дека тој би можел да биде психички нестабилен и дека украл хемиски супстанци од својот работодавец.
Во Виена попладнето било извршено и второ апсење, кој исто така бил австриски државјанин и имал 18 години.
„Според моменталната состојба на истрагата, двајцата осомничени се радикализирани преку Интернет“, информирал Руф. Тој додал дека 19-годишникот ѝ дал „заклетва на верност“ на Исламската држава на почетокот на јули.
Според информациите на австриските медиуми, дуото преку шифрирани пораки го договорале својот луд чин.
Полицијата навела дека, покрај двајцата уапсени, трага и по уште три лица, пренесуваат австриските медиуми.
Полицијата најпрво најави дека концертите ќе се одржуваат со посебни безбедносни мерки, но неколку часа подоцна сите три концерти беа откажани.
„Поради потврда од владини претставници за планиран терористички напад на стадионот Ернст Хапел, немаме друг избор освен да ги откажеме трите планирани настапи поради безбедноста на сите“, објави организаторот на концертот на Инстаграм.
Одлуката за откажување ја донел организаторот „Баракуда мјузик“, а не надлежните државни институции.
„Управата за заштита на Уставот и полицијата извршија ефективни дејствија и направија се за да ја гарантираат безбедноста. Блиското вмрежување со странски безбедносни тела беше особено клучно“, рекол тамошниот министер за внатрешни работи, Герхард Карнер.
Вицепремиерот Вернер Коглер им се заблагодарил на истражителите.
„Терористите сакаат да се плашиме и да бидеме поделени. Нема да дозволиме да ни го уништат начинот на живот“, напишал Коглер на „X“.
Федералниот канцелар Карл Нехамер преку „Х“ порачал дека „ситуацијата околу очигледно планираниот терористички напад во Виена“ е „многу сериозна“.
„Благодарение на интензивната соработка на нашата полиција и новооснованата ДСН со странски служби, заканата беше рано препознаена, потисната и спречена е трагедијата. Исламскиот тероризам ја загрозува безбедноста и слободата во многу западни земји. Токму затоа нема да се откажеме од нашите вредности како слободата и демократијата, туку уште посилно ќе ги браниме“, напишал Нехамер.
Инаку, ова не е првпат лице со потекло од Македонија да планира терористички напади во Виена.
Австриски државјанин, чии родители имаат албански корени од Македонија, Кујтим Фејзулаи изврши терористички напад во Виена на 2 ноември 2020 година. Тогаш, тој уби четворица и рани 23 лица. Полицијата потоа успеа да го убие симпатизерот на Исламската држава за време на неговиот напад во центарот на Виена, а пред неколку месеци беа осудени неколку лица кои му помагале или знаеле за неговите намери.