Либиските власти денеска го затворија единствениот функционален аеродром во главниот град Триполи по извршениот воздушен напад, изјави претставник на аеродромот.

На аеродромот Матига биле забележани некои патници како го напуштаат терминалот.
Во Либија, од минатата недела се обновени конфликтите, кога Либиската национална армија (ЛНА) предводена од Калиф Хафтар од исток тргна во освојување на западниот дел од земјата и центарот на Триполи, каде што контрола има меѓународно признатата Влада предводена од Фајез ал-Сараџ.
Двете страни објавија дека од четвртокот најмалку 41 лице, вклучувајќи ги и цивилите, биле убиени.

Обновените судири во Либија може да ја попречат испораката на нафта и гас и да придонесе за пораст на мигрантите во Европа. Либија е транзитна точка на стотина илјади мигранти кои ја преминуваат Сахара, со цел да стигнат до Средоземно Море и Европа.
Судирите ги поткопуваат и плановите на ОН за изнаоѓање на договор за одржување на избори во Либија, со цел да се реши долготрајната нестабилност на земјата.
По соборувањето на долгогодишниот лидер Моамер ел Гадафи во 2011 година, Либија е нестабилна поради големиот број на вооружени групи кои се борат за власт и контрола над нафтените полиња.
Од летото 2014 година Либија е политички поделена на две влади – самопрогласената во источниот дел на земјата, со седиште во Тобрук што е под контрола на 75-годишниот Хафтар и меѓународно признаената Влада со седиште во Триполи со премиерот Сараџ.
Хафтар себе си се претставува како непријател на исламистичкиот екстремизам, но неговите политички опоненти тврдат дека тој е нов диктатор, како Гадафи, чие четирдецениско владеење беше обележано со тортури, исчезнувања и убиства.
Фелдмаршал Хафтар учествуваше во воениот удар во 1969 година, кога Гадафи ја презеде власта во Либија.
Но, Хафтар за време на војната против Чад (1978 – 1987) беше во затвор, каде прави заговор против Гадафи.
На почетокот на 90-тите години на минатиот век Хафтар заминува во САД, каде во 1993 година е осуден во отсуство на смртна казна за злосторства против Џамахирија.
Тој како висок воен офицер учествуваше во соборување на режимот на Гадафи во 2011 година.
Хафтар го опишуваат како „најмоќниот либиски војсководец“ кој се борел „со и против речиси секоја значителна фракција“ во либиските судири, како и „човек со голем воено искуство“.
Генералот Хафтар има поддршка од Египет и од Обединети Арапски Емирати.
Претходно, Русија соопшти дека не го поддржува Хафтар, а САД побараа моментален прекин на воените дејствија во Либија.