Една година подоцна, а болката сè уште е жива. Една година од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани – трагедија што однесе 63 млади животи и остави неизбришлива празнина во нивните семејства, пријатели и во целата држава. Со минута молк, точно во 2 часот и 32 минути, моментот што засекогаш го промени Кочани, беше оддадена почит на трагично загинатите во пожарот. Пред дискотеката „Пулс“ беа поставени срциња со испишани имиња на прерано згаснатите животи, под мотото светлина што останува.
„63 бели столчиња – 63 животи“ – во Паркот на револуцијата во Кочани одбележување на годишнината од трагедијата во дискотеката „Пулс“. По една бела роза за спомен. Градот и семејствата на жртвите една година живеат со болката од најголемата трагедија во поновата историја на земјава. Мурал-ѕид на сеќавање, молитва за упокоените, комеморација, меморијал…
Клучното прашање по ова е дали ја научивме ли лекцијата? Една година подоцна – дали нешто навистина се промени? Пред неколку месеци започна и судењето. Прашањето е – ќе има ли правда? Фактите за катастрофата се повеќе од јасни. Дискотеката била преполна. Во неа имало многу повеќе луѓе од дозволеното. Објектот немал соодветни излези за евакуација. Немал системи за противпожарна заштита. Работел со сериозни прекршувања на безбедносните стандарди. Искрите од сценската пиротехника го запалиле таванот, а огнот за неколку минути ја проголтал салата. Голем дел од јавноста бара промени во начинот на дејствување и однесување. Политичкиот аналитичар, Александар Ристевски во разговор за „Локално“ вели:
„Мислам дека оние поумните и поодговорните сфатија дека импровизациите и заобиколувањето на законот и стандардите носи и жртви и катастрофи, но дека многумина се уште се водат од матрицата на само профит и личен интерес. Таквите (како вториве) не смееме да им дозволиме да бидат дел од власта или ликови кои одлучуваат“.

Александар Ристевски/Фото: Принтскрин/Јутјуб
Околу тоа дали има промени во македонскиот систем по трагедијата, соговорникот посочува дека затегнати се нештата.
„Ние во основа не патиме од закони. Закони имаме за се! Проблем е човечкиот фактор и заобиколувањето на истите, но и несправувањето со тие кои тоа го прават. Тешко се менува матрицата на поединецот, т.е. на дел од народот кој резонира за профитот пред се, потенцира Ристевски.
За четирите судски постапки во кои обвинети се вкупно 58 луѓе, аналитичарот стравува дека процесите ќе се влечат до недоглед.
„Во многу мои јавни настапи уште во летото велев дека вака ко што тргнале обвинителите ќе направат случај кој ќе се влече и ќе трае, а пола од обвинетите ќе бидат ослободени. Проблемот е во самиот обвинителен акт, и денес во пракса тоа и го гледаме. Јас не сум од сферата на правото, но секој кој и малку се разбира ќе ви каже дека кога имате добар обвинителен акт, се е потоа лесно. Вакво масовно судење ќе се влече и за жал, не сметам дека ќе донесе правда. Жал ми е што ќе речам дека сум скептик, ама да оставиме на времето каде сево ова ќе не одведе“, укажува аналитичарот.
По повод годишнината од Кочани, се произнесе и граѓанската активистка и професорка, Мирјана Најчевска. Според неа, не научивме ништо и нема да научиме се додека не разбереме дека што е повисока функцијата толку е поширока и поголема одговорноста.
За меѓународната конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија организирана по една година од пожарот, Најчевска во разговор за „Локално“ посочува дека самата конференција е тематски насочена кон справување со последиците од ваков вид пожари, а не со причините за нивно настанување и начините на спречување.
Никој не вели дека несреќи не се случуваат, меѓутоа постојат механизми, протоколи, критериуми, алатки кои се создадени да ги превенираат или да ги намалат нивните последици. Апарати за гаснење на пожар, повеќе и видливо обележени излези, материјал од кој е изработен просторот во кој се изведуваат настани, број на посетители на одреден настан, внесување на запаливи материјали, брза реакција при недозволена употреба на запаливи материјали. Концентрацијата на грешки го надминува нивото на небрежност и влегува во просторот на вината, укажува соговорничката.

Мирјана Најчевска – Фото: Јутјуб/Принтскрин/Тера
За изјавата на премиерот од петокот и справувањето со катастрофата, во споредба со швајцарските власти и тамошниот пожар во Кран-Монтана, Најчевска вели дека е потполно несоодветна и на ниво на кафеански муабет.
-Прво, не може да се префрла вината на некој друг кога си на власт и кога твојата политичка партија ги има управувачките позиции и на централно и на локално ниво. Второ, отсуството на елементарно препознавање на одговорност на власта која ја предводиш е знак за инфантилност но и знак дека во иднина нема ништо да се промени бидејќи Мицкоски одбива да го идентификува проблемот. И трето, споредувањето со Швајцарија е тој кафеанскиот дел на муабет, наведува професорката.
Во однос на судските процеси, според Најчевска, со поведувањето постапка против голем број луѓе пред да бидат спроведени соодветни истражни процедури кои ќе обезбедат цврсти докази за вина само се создава магла во која ќе се изгуби одговорноста на повисоките функционери.

Фото: Принтскрин
„Кога ќе кажеш “жртвите“ тоа нема лице, ни коса, ни мирис ни глас ни насмевска ни прегратка ни … Тоа е израз кој овозможува да се води судска постапка која треба да биде објективна и непристрасна и лишена од емоции. Ама не е сеќавање. Кога ќе кажеш 63 загинати тоа е бројка. Безлична. Студена. Статистика. Кога ќе умре човек не смее да биде бројка. Посебно кога ќе умре некој на прагот на животот. Тоа е затворена книга на сакање, радости, плачење, грижи, надежи. Затворена иднина спакувана во спомени. Тоа е бол кој раскинува и не поминува“, наведува професорката, додавајќи дека зад секое име има лик и живот, емоции и желби…
Болката е подеднакво силна, споменот не избледува за преграно згаснатите млади животи во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани и по една година од трагедијата. Испливаа на површина аномалиите на системот и институциите што се таложеле години наназад. Трагедијата отвори низа прашања за болничкиот капацитет, координираноста на домашните и странсите институции и улогата на заедницата во справување со кризни состојби.
Се анализираа искуствата од последиците од пожарот кои водат до системски решенија на конференцијата на која учествуваа државниот врв, пртетставници на домашни и странски институции, домашни и странски лекари.
„Некои настани не се мерат со време, туку со болка. Трагедијата во Кочани е рана за општеството“ – истакна премиерот Мицкоски, додавајќи дека од болката треба да извлечеме поука, а од искуството конректни решенија.
На првата линија во борба за аспасување човечки животи беа над 400 здравствени работници кои лекуваа, анимираа и ги подготвуваа пациентите за лекување во странство. Но, неопходно беше активирање на Европскиот механизам за цивилна заштита, бидејќи при таква масовна катастрофа велат надлежните немаат капацитет да одговорат ниту развиените земји. Вратите на болниците ги отворија многу европки држави , а првиот траспорт се случил по 10 часа од трагедијата. Претходно, помош понудиле соседните земји, Грција, Србија и Бугарија.
Н.П.