Едукација на ОИК за референдумот на 30 септември

од desk2

Шест тимови на Државната изборна комисија (ДИК) заедно со нејзините членови денеска и утре одржуваат регионални еднодневни едукативни работилници за претстојниот референдум на 30 септември со членовите на општинските изборни комисии (ОИК).

Станува збор за 960 членови на општинските изборни комисии кои потоа вакви едукации ќе одржат со членовите на избирачките одбори на над 3.400 избирачки места во земјата каде ќе се спроведува референдумот.

Обуките, како што информираат од ДИК, ќе имаат два дела и тоа надлежностите на ОИК пред денот на спроведување на референдумот на државно ниво 2018 година, на самиот ден и потоа и, вториот дел, се однесува на активностите на избирачкиот состав. ДИК подготви за Едукативен видео прирачник кој ги опфаќа процедурите за работа на избирачките одбори за референдумот 2018

Избирачките одбори, имајќи предвид дека не се работи за избори, имаат шест членови, а проценките се дека процесот ќе го набљудуваат околу 6.000 странски и домашни набљудувачи.

Кој може да гласа на референдумот?
Во веќе заклучениот Избирачки список вкупно се запишани 1.806.336 граѓанхи. Во изводите во Република Македонија се запишани 1.725.913, додека во оние за дијаспората 76.060 граѓани. Македонските државјани кои се пријавиле за гласање во странство, доколку на 30 септември допатуваат во Македонија нема да можат да го остварат тоа право тука.

На референдумот на 30 септември може да гласа секое лице кое е запишано во изводот од Избирачкиот список и кое поседува важечки документ за лична идентификација – лична карта или пасош.

Не може да гласа лице кое не се наоѓа на изводот од Избирачкиот список, не поседува соодветен документ за идентификација, на десниот палец веќе има УВ мастило, одбие да се потпише на изводот од избирачкиот список, не дозволува да биде обележано со УВ спреј и кое одбива да земе некое од гласачките ливчиња.

Откако гласачот ќе дојде во избирачкото место, членот на ИО го проверува со УВ ламба, потоа му ги проверува документите за лична идентификација, прави проверка и потпишување во изводот од Избирачкиот список, му го издава гласачкото ливче, му го прска десниот палец со спреј со УВ мастило и тој се упатува да гласа.

Изводот од Избирачкиот список, како и за изборите, содржи фотографија на гласачот во формат како на личната карта или пасошот, односно на оној со понов датум на издавање. Потребно е фотографијата да се совпаѓа, а секој гласач да се потпише во графата за потпис кај неговото име и презиме.

Секој гласач гласа самостојно зад параванот. Се гласа зад параванот за гласање, со заокружување „за“ или „против“ и тоа исклучиво со хемиско пенкало во сина боја. Потоа гласачот треба да го превитка ливчето така што никој нема да може да види што тој заокружил. Доколку погреши гласачот нема да добиете друго гласачко ливче.
Важечко ливче ќе биде она на кое само со заокружување со плаво хемиско пенкало е заокружено „за“ или „против“. Со секое друго обележување ливчето ќе биде прогласено за неважечко.
Гласачките ливчиња за референдумот на 30 септември ги печати печатницата „Киро Дандаро“, а за спречување какви било злоупотреби се употребува специјална безбедносна заштита покрај серискиот број на личето.
Во саботата ДИК ја започна едукативната кампања за граѓаните за референдумот на 30 септември под мотото „Твој став, твое право“.
Тече рокот за пријавување на болни и изнемоштени за гласање на 30 септември
Избирачот кој не е во можност да гласа на гласачкото место односно болно или немоќно лице, а сака да гласа за тоа треба да ја извести ОИК најдоцна седум дена пред денот определен за гласање односно до 22 септември. Оние пак кои се во домашен притвор преку овластен полномошник треба да ја извести ОИК најдоцна до 26 септември.

Еден ден пред референдумот на 29 септември гласаат болните, изнемоштените, оние во домашен притвор, како и дијаспорта. Но, први својот гласа на референдумот ќе го дадат членовите на избирачките одбори во странство кои ќе патуваат од Македонија, на три дена пред референдумот.

Слични содржини