Европската комисија ги предупреди земјите-членки на ЕУ дека би можеле да платат до 5,6 милијарди евра годишно камата за позајмени средства доколку не успеат да постигнат договор за заем од 140 милијарди евра за Украина, обезбеден од замрзнати руски средства, според интерен документ на Комисијата што го видел Фајненшл тајмс (ФT).
Во документот на Комисијата, кој беше испратен до главните градови на земјите-членки, се наведува дека неуспехот да се усвои планот значи дека ЕУ ќе мора да собира средства преку заедничко задолжување или директни грантови, што би претставувало дополнителен товар за националните буџети.
Според проценките на Комисијата, доколку средствата се соберат преку задолжување, годишните трошоци за камата би достигнале 5,6 милијарди евра, од кои Франција би платила речиси 1 милијарда евра, Италија 675 милиони евра, а Белгија околу 200 милиони евра годишно.