ЕК: ДПИ нема капацитет за извршување на задачите и работи со недоволен број лиценцирани инспектори

од Vladimir Zorba
447 прегледи

Европската комисија во најновиот извештај за напредокот на Северна Македонија нотира дека земјата е делумно подготвена во делот на слободното движење на стоките. Националното законодавство, како што се наведува, во голема мера е усогласено со правото на Европската Унија и овозможува слободна трговија на производи, но во однос на минатогодишните препораки постигнат е ограничен напредок во имплементацијата.

Новиот закон за општа безбедност на продуктите, кој е донесен во декември 2020 година, се уште не е целосно усогласен со европското законодавство бидејќи не се усвоени подзаконските акти. Една од забелешките на Европската комисија е недоволниот капацитет на надлежните инспекторати поради што се препорачува зајакнување на административниот капацитет за спроведување на правната рамка.

Државниот пазарен инспекторат, како институција одговорна за надзор на пазарот, работи со недоволен број лиценцирани инспектори и со застарена опрема.

– И покрај новите вработувања во првата половина на 2021 година, Инспекторатот нема капацитет за извршување на задачите и работи со недоволен број лиценцирани инспектори, застарена опрема и недоволно средства за спроведување на тестови на примероци од производи, се наведува во извештајот.

Во текот на 2020 година поради пандемијата пазарните инспектори спровеле контроли за тоа колку се почитуваат здравствено-заштитните мерки, но како резултат на тоа се намалил бројот на редовните инспекции. Во 2020 година, според ЕК, Инспекторатот извршил 428 инспекции, согласно општиот Закон за безбедност на производи, во споредба со 2019 година кога се извршени 359 инспекции. Извршени се и 20 инспекции според Законот за градежни производи, во споредба со 573 инспекции во 2019 година. Од пазарот повлечени се 34 штетни производи, главно играчки и детска облека.

Слични содржини