Пазарен инспекторат: Цела угостителска дејност трпи последици поради одредени субјекти, годинава 78 објекти биле затворени

од Nikola Popovski

Во периодот од 29 март до четврти април годинава седумте инспекциски служби извршиле нешто повеќе од 5200 надзори и контроли во деловни простории и отворени локации каде најчесто се групираат граѓани. Најмногу работа имале пазарните инспектори, кои извршиле четири и пол илјади контроли претежно во угостителски објекти.

„Тоа што ни се случува од одредени субјекти поради кои целата комплетната угостителска дејност трпи последици, го сметаме за инает кон себе, пазарните инспектори и граѓаните. Кон таквите немаме милост и мора да постапуваме согласно законот. Од Нова година до сега имаме 78 објекти кои се затворени поради непочитување на протоколите“, изјави Стојко Пауновски, директор на Пазарен инспекторат на денешната прес-конференција.

Во однос на свадбата во Струмица на која присуствувале 300 гости, а за која вчера три лица заработија и кривична пријава од СВР Струмица, Пауновски објасни дека дојавата до Инспекторатот стигнала по завршувањето.

„Можеби имало свадба во Струмица, но уште тогаш јавивме дека кога стигнале инспекторите немало ништо. Ние добивме најава откако свадбата завршила“, додаде директорот.

Слични содржини