ЕК ги враќа универзалните мобилни полначи на дневен ред

од desk4
74 прегледи

  Еврокомесарката за конкуренција Маргарет Вестагер најави дека Европската комисија посериозно ќе го разгледа прашањето за универзалните полначи за смартфони таблетите, кое речиси десет години е на маса без никаков напредок.

– Со оглед на недоволниот напредок на доброволниот пристап, ЕК наскоро ќе започне студија за импакт за да ги процени трошоците и придобивките од други разни опции, изјави Вестагер.

Прашањето е на маса од 2009 година во секторот, но до сега согласност не е постигната. Пред десет години, 14 производители на смартфони, меѓу кои „Нокиа“, „Епл“ и „Самсунг“, потпишаа протокол за согласност и универзалниот полнач требаше да се појави на пазарот во 2011 година, но секојпат се одложуваше стартот од технички причини – многу од марките се одлучуваа за различни варијанти на УСБ, а од протоколот секоја година се повлекуваше по некоја марка, така се до 2017 година.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, ЕК смета дека сега е време да настапи, да направи студија и да одлучи дали ќе ги наметне универзалните полначи, доколку студиите покажат дека тоа е најдоброто решение.

Освен што универзалниот полнач ги поеднаставува и поевтинува работите за потрошувачот, мерката има и еколошки бенефити – намалување на отпадот. Само во 2009 година ЕК процени дека отпадот од мобилните полначи изнесувал 51.000 тони.