ЕК го демантира Ројтерс: Иднината на целиот Западен Балкан е во ЕУ

од Nikola Popovski

Иднината на целиот Западен Балкан е во Европската унија, изјавила портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро Ернандез, во писмен одговор на „Гласот на Америка“, во врска со текстот на агенцијата Ројтерс, во кој се наведува дека нема согласност за членство во ЕУ на шестте земји од Западен Балкан.

„Европската комисија е цврсто посветена на унапредување на пристапниот процес на земјите од Западен Балкан, вклучително и Албанија и Северна Македонија“, рече Писонеро, додавајќи дека двете земји ги исполниле своите обврски, поради што ЕУ целосно го поддржува формалниот почеток на пристапните преговори до крајот на годината, како што нагласи и претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен за време на посетата на регионот.

Писонеро, исто така, наведува дека „политиката за проширување е стратешка инвестиција во стабилноста и безбедноста на Европа“ и дека лидерите на ЕУ постојано повторуваат, вклучително и на последниот самит во Загреб, дека се недвосмислено посветени на европската перспектива.

Портпаролката на ЕК заклучува дека самитот на Брдо кај Крањ во Словенија, предводен од ЕУ, ќе биде важна можност не само да се потврди европската перспектива на Западен Балкан, туку и да се преземат практични чекори кон понатамошна интеграција и да започне со спроведување на економската и инвестициски план.за регионот.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, е во посета на регионот, а денес и утре ќе престојува во Подгорица и Белград.

Слични содржини